| четврток, 6 декември 2018 |

Фејсбук и Гугл ги цензурираат велешаните кои спамираа за Трамп

Голема фама во светската јавност кренаа тинејџерите од Велес, кој имаат дваесетина интернет-портали на кои за време на предизборната кампања се пишуваа статии за Доналд Трамп кои беа оценувани како лажни.

Фејсбук и Гугл најавуваат мерки за сопирање на шпекулантски и лажни вести на интернет. Ваквата одлука на интернет-гигантите доаѓа по бројните критики за нивната улога во резултатот на претседателските избори во САД.

Голема фама во светската јавност кренаа тинејџерите од Велес, кој имаат дваесетина интернет-портали на кои за време на предизборната кампања објавуваа лажни статии за Доналд Трамп.

До промената доаѓа откако Гугл, Фејсбук и Твитер се соочија со жестоки критики поради нивната улога во американските претседателски избори и дозволувањето да се шират невистинити и често злонамерни информации кои можеби ги насочиле гласачите кон републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Марк Закерберг двапати нагласи дека неговата платформа немала никаква улога врз исходот на изборите. Мерките на Фејсбук засега се лимитирани на политиката за рекламирање, и нема да ги таргетираат страниците за лажни вести кои корисниците ги постираат на своите профили.

“Не интегрираме ниту прикажуваме реклами во апликации или страници кои имаат содржина која е илегална, лажна или измамничка, и тоа ги вклучува и лажните вести“, соопшти Фејсбук.
Потегот на Гугл засега не го зафаќа проблемот со лажните вести, туку само начинот на кој страниците се рекламираат. Промената е насочена кон тоа да се биде сигурен дека објавувачот на мрежата е легитимен и да се елиминираат финансиските придобивки кои се главен мотив за продукција на лажни вести.

Македонските спамери и изборите во САД

Најголем извор на пари за многу издавачи е Адсенс, платформа која им овозможува на огласувачите да ставаат реклами на милиони интернет-страници кои се дел од мрежата на Гугл.
Десетици млади ентузијасти во Македонија креираа интернет-страници со лажни вести, најчесто во корист на Трамп и навредливи кон Клинтон, кои потоа беа споделувани на Фејсбук. Споделувањето ги наведе луѓето да кликаат на линковите кои потоа водеа кон македонски интернет-страници, кои пак од тоа заработуваа користејќи го Адсенс преку Гугл.

Професорот по информатика на Универзитетот во Индијана, Фил Менцер кој долго го студира феноменот на ширењето на лажни вести и дезинформации на социјалните медиуми, го поздравува потегот на Гугл со АдСенс.

-Еден од мотивите за добар дел од лажните вести се парите. Ова би можело да го намали приходот кој е главната мотивација за создавање на страници со лажни вести, вели тој.

Сепак, тој предупредува дека откривањето на страниците со лажни вести не е лесна задача.

-Што доколку се работи за страница со дел точни и со неколку лажни вести? За тоа е потребно специјализирано знаење и луѓе кои ќе го прават тоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top