| четврток, 6 декември 2018 |

На Косово уапсени 19 осомничени за планирање џихадистички напади

Косовската полиција објави во средата дека уапсила 19 лица во изминатите дванаесет дена под сомневање дека се поврзани со ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава и во планирање напади на Косово и во соседна Албанија, пишува Макфакс

Полицијата во Приштина соопшти дека осомничените биле во контакт со припадникот на Исламската држава, самонаречениот „командант на Албанците во Сирија и во Ирак“, Лавдрим Муџахери од кого добивале наредби за нападите.

„Планирале терористички напади на Косово, а исто така, и напад против израелската фудбалска репрезентација и нивните навивачи во текот на неодамнешниот меч меѓу Албанија и Израел“, се наведува во соопштението на косовската полиција.

Албанија го премести одигрувањето на европскиот квалификациски натпревар за светското првенство во Русија одигран на 12-ти ноември од северниот град Скадар во Елбасан, близу главниот град Тирана, поради можен напад од милитантите. Тогаш четири лица беа уапсени под обвинение за тероризам.

Како што пренесува Радио-телевизија Косово (RTK), од 4-ти ноември досега безбедносните служби на територијата на Албанија и Косово уапсиле 19 осомничени за тероризам и поврзаност со Исламската држава во Сирија.

Според извештајот на RTK, полицијата имала сознание дека осомничените биле поделени на групи, кои ги координирал Муџахери, од кој добивале инструкции. Групите требало да дејствуваат засебно, но по инструкции од споменатиот џихадист и уште едно лице, Албанец кој исто така се наоѓал во Сирија, и добивале податоци и информации за целите кои требало да ги нападнат.

Лавдрим Муџахери, кого косовските медиуми го нарекуваат балканскиот Џихади Џон, полицијата го поврзува со врбување и координирање на приврзаниците на Исламската држава во Албанија, на Косово и во Македонија.

На почетокот од декември минатата 2015 година македонската полиција соопшти дека привела соборци на Муџахери и на неговиот помошник Ризван Хакифи на границата кон Косово, но тие двајца и натаму се на слобода.

Најмалку 200 лица се приведени или испитувани на Косово во последните години осомничени дека се поврзани со Исламската држава. Вкупно 300 косовари заминале во Сирија да се борат на страната на исламската држава, а повеќе од 50 таму загинале, според податоците на властите во Приштина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top