| четврток, 6 декември 2018 |

„Венеција“ – роман кој ги спојува книжевната поетика со најмагичниот град-лавиринт во светот

Фантастичниот превод, кој го доловува духот на естетското перо на Пиштало, е на Виктор Шиков, илустрацијата на корицата на Марија Смилевска

Утре (четврток, 17 ноември) од печат излегува прекрасниот роман „Венециија“ во издание на „Или-или“ на Владимир Пиштало, кој на супериорен начин ги спојува книжевната поетика со најмагичниот град-лавиринт во светот. Фантастичниот превод, кој го доловува духот на естетското перо на Пиштало, е на Виктор Шиков, илустрацијата на корицата на Марија Смилевска, дизајнот на brigada.mk, а излегувањето на книгата финансиски е помогнато од Министерството за култура и информации на Република Србија.

Владимир Пиштало е роден 1960 година во Сараево, а детството и младоста ги минал во Мостар, Краљево и Белград. Дипломирал правни науки на Универɜитетот во Белград, а откако во 1993 година емигрира во САД, на Универɜитетот во Њу Хемпшир докторирал на тема: „Жонглирање со три идентитета: српски, југословенски и американски, меѓу американските Срби, 1900 – 2000 година“. Професор е по светска историја и историја на САД на „Бекер колеџот“ во Бостон.

Од 1981 година до денес ги објавил книгите: „Сликовница“, „Ноќи“, „Манифести“, „Крајот на векот“, „Корто Малтеɜе“, „Витраж во сеќавањето“, „Прикаɜи од цел свет“, „Александрида“, „Милениум во Белград“, „За чудото“, „Тесла, портрет меѓу маски“ (награда „НИН“ – најдобар роман ɜа 2008 година) и „Венеција“.

Идеолошки поистоветен со вистината, реализмот се спроведува како чин на егзорцизам. Долж острицата од хоризонтот на таа согледба се разлачуваат имагинацијата и фантазијата, но, потем трпеливо, како што преку созревање се препознава разликата помеѓу упорноста и тврдоглавоста, треба да се препознае разликата меѓу тие два облика на слобода – оти човековиот календар за имагинарното е магичен квадрат, а за фантастичното е затворска решетка. Тоа не е разлика само во квалитетот на уметничката слобода, ами во квалитетот на слободата воопшто, а произлегува од пристапот кон – метафората, која, пак, не е произволно сопоставување појавности, претстави и слики на нештата преку конвенцијата на зборовите, туку напротив, како што методично покажа Аристотел, метафората ја преобразува, ја превреднува појавната, видливата – реалност, така што бара – сличност (= око), сродност (= душа), блискост (= дух) меѓу нештата, преку магнетизмот на сензибилитетот.

Метафоричното писмо на Пиштало опишува импресионистичка атмосфера во која гестуалноста на глетката пулсира, жива е, оти е претставена преку сетилото на активната имагинација (Јунг), преку духовната способност на тоа огледало за епифании (Корбен). Поетски начулено за поројот микромистерии на секојдневието, писмото на „Венеција“ е архивска треска (Дерида), оти бара внимателно, симултано, трпеливо, стратифицирано читање: Како и секој палимпсест впрочем, полихронијата запечатена во овој густо ткаен текст ни носи и роман за интимното созревање (bildungsroman) и летопис на Млетачката Република, а едрата на страниците всушност постојано стремат на дионизиски аџилак кон – Медитеранот, интертекстуалното устие за историскиот тек на недобројни култури и од Истокот и од Западот.

Небаре со раката на Хермес биле украдени идентитетските картички под музејските експонати, та потем помешани биле во шпил на нова романескна приказна, „Венеција“ на Владимир Пиштало низ лавиринтот на La Serenissima нè води на расеана, интуитивна прошетка вон јаловиот етер на академската, егоцентрична блазираност, кон самосвест за личноносните својства на уметничкиот дух.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top