Од општината велат дека печалбарите не се осмелуваат да ги инвестираат своите пари во јавно-приватно партнерство, каде што општината би имала 51 процент удел, а тие би имале 49 проценти.
Колку пари спечалиле кумановци од повеќегодишната печалба во Ирак и во Авганистан, каде е најдобро тие да се вложат и има ли потреба од посебна индустриска зона во градот за оваа намена, беа некои од прашањата за кои вчера во Куманово разговараа претставниците на локалната власт, граѓаните и невладиниот сектор. На трибината „Кумановстан-град помеѓу Ирак и Авганистан“ присуствуваа претставници од локалната самоуправа, од Агенцијата за економски развој од Скопје, од Евроколеџот од Куманово, како и неколку невладини и граѓански здруженија. Од овој град во последните десет години на работа во Ирак и во Авганистан замина околу десет илјади лица, или околу десет отсто од вкупниот број кумановци, кои во просек работеа по две-три години. За тоа колку вкупно пари заработиле нема прецизни податоци, иако процените се движат од сто илјади долари до фантастични и неверојатни близу една милијарда долари.
Овие пари навистина добро би му дошле на секој град, па и држава се разбира, ако тие правилно се инвестираат, беше кажано на трибината, која има цел да се поттикнат кумановските печалбари да ги вложат своите тешко заработени пари во некој од бизнисите во родниот град. Според градоначалникот Зоран Дамјановски, Куманово отсекогаш бил печалбарски град, од кој во моментов во Западна Европа работат околу десет илјади кумановци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



