| четврток, 6 декември 2018 |

Германија ќе потроши 16 милијарди евра на бегалците

Секој бегалец, кој влегол во Германија во последниве 18 месеци, го чини државниот буџет околу 12 илјади евра, а во сумата се пресметани само трошоците за сместување, храна, курсеви по германски јазик, облека и грижа за децата без родители.

Оваа калкулација за трошоците поврзани со бегалците ја добила партијата Левица, која во Парламентот од владата побарала да се објави колкава е ставката во буџетот наменета за мигрантите, јави дописникот на МИА од Берлин.

Имајќи пред вид дека Германија од лани до јуни годинава прими над 1,3 милиони бегалци, вкупните трошоци за нив ќе изнесуваат околу 16 милијарди евра за 18 месеци.

Во сумата не е вклучен трошокот за обука за работа, ниту за депортација на оние чии барања за азил биле одбиени од германските власти.

Според Асоцијацијата на градовите во Германија, општините имаат вкупна буџетска „дупка“ од над 2,5 милијарди евра поврзани со бегалците, а само најбогатата покраина Баварија има трошок од околу 400 милиони евра за потребите на мигрантите.

Според весникот „Ди Пресе“, во Австрија трошокот за секој бегалец во 2016 година изнесува околу 10.700 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top