Марија Павловска уште од мали нозе знаела дека ќе биде уметница. Уште од најраното детство листовите хартија не биле доволни за цртање, па се префрлила на цртање по ѕидовите во домот, а оттаму во Средното уметничко училиште, Факултетот за ликовна уметност, во класата на професорот Симон Шемов. Магистрира во Скопје и уште со првата изложба во Македонија е забележана како сликарка со автентичен израз. Следуваат самостојни изложби во рамките на „Скопско лето“, во Музејот на современа уметност, Музеј на град Скопје, резистенцијален престој во Виена, Париз, изложби во Софија, Берлин, а последните години живее и работи во Њујорк.
Велат дека работата на уметниците е себична… Дали би се согласиле со тоа?
Павловска: Нашата работа навистина е многу себична. Ве бара комплетно сам. Јас голем дел од времето минувам во ателјето и оттаму произлегува големата продуктивност.
По изложбите во Виена и во Париз, повторно Ве повикаа во овие два града да престојувате и да создавате. Истото се случи и со Њујорк, каде што останавте до денеска…
Павловска: Мојата изложба во Њујорк се одржа во мај 2007 година и моето творештво беше забележано од критиката, уметниците и од галеристите, така што повторно бев поканета да се вратам со проект. Ми беше понудено да дојдам во октомври, а таква понуда никој не би пропуштил, и веднаш почнав соработка со галеријата. Изминав долг пат. Да не ви раскажувам колку макотрпно работев, немав ателје, требаше денот да се преживее, нов град, не познаваш никого… Но, кога се сака, сѐ се може, па така по извесно време успеав да добијам простор во кој ќе работам и полека работите почнаа да си доаѓаат на свое место. Така сѐ до денес живеам на релација Скопје – Њујорк.
Од 2012 година имате резиденцијален престој во Њујорк. Што значи тоа? Како стасавте до него?
Павловска: Во 2012 година аплицирав и добив резиденција за работа во еден од најпрестижните музеи во Њујорк и околината. Станува збор за музејот „Мана контемпорари“ (Мana Contemporary). Таму има шест ката галериски простор, каде што се поставуваат изложби на врвни автори, има и два ката ателјеа, кои им се доделуваат на современи уметници за работа, меѓу кои сум и јас. Јас сум единствената уметница од овие простори, од југоисточна Европа, и најмлада од сите што успеале да добијат простор во овој музеј.
Њујорк во стиховите од песната на Френк Синатра е „градот што никогаш не спие и ако успееш во Њујорк, си успеал секаде“… Се согласувате ли со тоа?
Павловска: Точно како што рековте, Њујорк е експлозија од информации секојдневно. Почнувајќи од музика, театар, Волстрит, метро… искрено да ви кажам – тоа секој не може да го издржи. За да живеете во Њујорк, треба да сте дел од Њујорк, но и да го издржите тоа. Видете, има луѓе кои иако живеат во Њујорк, никогаш не биле во „Метрополитен“, кои и по 20 години не го зборуваат англискиот јазик… Во таа смисла: Јас живеам во Њујорк! Одам на отворање на изложби во музејот „Метрополитен“, членка сум на музејот „Гугенхајм“… со еден збор живеам како вистински уметник на Њујорк. Да не ви кажувам колку е скапо да се издржи во Њујорк, почнувајќи од место за живеење, обезбедување галерија за работа, членства… но, сето тоа е направено да биде скапо за да не биде таму тој што не треба да биде. И морам да кажам, не е лесно да се снајдете во таа средина. Секој ден е нова борба, јас таму немам никаква поддршка, за сѐ сама се борам.
Кажете ни нешто повеќе за Вашето ателје во „Мана контемпорари“ (Mana Contemporary).
Павловска: Кога таму ќе добиете ателје, добивате и приватност да работите како во свое ателје, меѓутоа имате и одредени обврски затоа што сте нивен уметник, со нивна резиденција. Просторот е фантастичен, со сите потребни услови: врамување дела, пренос и пакување за изложба, секојдневни предавања од врвни мајстори на занаетот, куратори. На отворањето на изложбите на „Мана“ доаѓа целата светска елита од областа на уметноста, така што со отворањето на моето ателје во текот на изложбата и моите дела имаат можност да бидат видени од таа елита, колекционери, куратори, а потоа може да следуваат покани за групни или самостојни изложби.
Специфичниот уметнички израз е белег на Вашата уметност. Што Ве провоцира низ кривата и немирна линија да ги раскажувате приказните што Ве опкружуваат?
Павловска: Наједноставно ќе го кажам вака: Секој од нас има ракопис. Мојот ракопис се разликува од Вашиот, Вашиот не е ист со на Дејан, Дејан нема ист ракопис со Јана… итн. Кога го сочувуваш тоа во творештвото, а уметноста е нашиот ракопис, наше авторство, и го негуваш тоа твое видување, тогаш остануваш свој. Апелирам до колегите да не потклекнуваат под економските притисоци, да не го напуштаат сопствениот ракопис, белег. Во оној момент кога не треба да ставам потпис на делото, а ќе се знае дека е на Марија, ќе знам дека сум дошла авторски на сцената.
Што е за Вас уметноста, како ја доживувате?
Павловска: Уметноста е опасна професија. Уметноста треба да е вистинска. Во уметноста не треба да има лага, треба да е кажано времето, чувството, она во кое живееш, онака како што е. Од неколку милиони уметници, историјата го издвојува она што е вистинско во моментот на творење, зошто со неа имаме документ на едно време. Затоа авторот е тој што треба да го каже тоа вистински: уметник, музичар, писател… Уметноста е вистина и вистината е уметност. Затоа културата на една земја е толку важна бидејќи од неа имаме документ за развојот на таа земја.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 219. број на неделникот „Република“, 11.11.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст