За да ја минете европската сообраќајница Е39, која се наоѓа на крајбрежјето на Скандинавскиот Полуостров, чијшто поголем дел е во Норвешка, а завршува во Данска, ќе треба со вашето возило дури девет пати да се качите и да се симнете од траект. Овие 1.300 километри со сигурност се меѓу најтешките за минување во Европа, а сето тоа се должи на фјордовите и на теренот за патување во Норвешка, кој е прилично тежок. Патувањето од едно до друго место кои се оддалечени неколку стотини километри, за што на нормален терен би биле потребни неколку часа, во Норвешка може да трае и еден цел ден.
Причината за тоа е теренот, кој е прекриен со фјордови и со водени пречки. Фјордовите оневозможуваат пробивање права делница, а лошите услови го отежнуваат или оневозможуваат патувањето со возило на одредени места и ги присилуваат луѓето да патуваат со траекти, што одзема многу време за натоварување, патување и за истоварарување, а, секако, и чини повеќе.
Сепак, инженерите од Норвешка сметаат дека, конечно, имаат реално решение кое ќе овозможи далеку побрзо патување низ ваквите скандинавски природни услови, а тоа се – подводни тунели што пловат.
Станува збор за тунели кои ќе бидат изработени од многу квалитетни и цврсти материјали, но, сепак, ќе бидат доволно флексибилни за да можат да „пловат“ под вода со помош на носечки елементи што пливаат над вода. Тие ќе бидат прикачени за нив на површината, а низ нив морскиот сообраќај ќе се одвива непречено. Поставеноста на тунелите под вода ќе ги направи имуни на многу од надворешните негативни услови, како снег, бура и екстремно сончево зрачење, а трошењето на материјалот ќе биде сведено на минимум преку одржување постојана температура врз него.
Идејата е овие тунели да влегуваат во морето на различни позиции, каде што обично се патува со траект и така да го скратат времето на чекање брод и сè останато што следува со таквиот тип транспорт. Така, патувањето од Кристијансанд до Трондхајм би требало да се скрати од 21 часа на 10 часа, што е намалување на потребното време за патување за повеќе од 50 проценти.
Предвидено е тие да бидат позиционирани некаде на 20-30 метри под морската површина, каде што ќе нема шанса за никаков контакт со бродовите кои ќе минуваат оттаму. Секој тунел е дизајниран да има по три сообраќајни летни, две за патување и една која ќе им користи на службите за одржување.
Првата ваква структура (на сообраќајната линија меѓу Опедал и Лавик) ќе биде направена од две парчиња тунел долги по 1.200 метри, кои со носечки елементи што пливаат над вода ќе бидат одржувани ниско под водната површина. На површината на морето е предвидено да има големо растојание помеѓу пловките за да можат во тие простори непречено да поминуваат бродови.
Студијата за оправданост за овие тунели веќе е направена од страна на Норвешката агенција за јавни патишта, според која било проценето дека ова е најефикасниот начин за да се премостат фјордовите. Во овие простори растојанието помеѓу копното од едната до другата страна е премногу големо, а водата премногу длабока за да можат да се поврзат со класични мостови.
Според инженерите што работат на овој проект, со оглед на тоа што решението се работи конкретно за овој скандинавски регион, каде што температурата може да се спушти значително под нулата, битно е да се забележи дека какви било временски услови, ниту, пак, силни бранови или морски струи, нема да влијаат на сигурноста на ова револуционерно подводно сообраќајно решение.
Освен кратењето на патувањето на споменатата сообраќајница, со подводните тунели ќе се овозможи и далеку подобра комуникација со местата во Норвешка кои се тешко пристапни и каде што во итни ситуации се праќале хеликоптери со брза помош за да ги пренесат луѓето во неволја до најблиската болница.
Текстот е објавен во рубриката Наука и Технологија во 219-от број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 11 ноември 2016 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Киненова“: Ексклузивна програма „Фокус на Норвешка“ во Кинотека на Македонија
-
Поплави во Норвешка: Повеќе од 100 лица спасени од водената стихија (видео)
-
Норвешка бара 90.000 работници: Работите по 8 часа на ден, а платата ќе ви биде 7 000 евра
-
Влезе во историјата: Новрешка е најуспешна нација на ЗОИ, подобра и од Америка