Утврдени се кандидатските листи на Либералната партија во пет изборни единици, и тоа во единицата носител на листата е претседателот на партијата Ивон Величковски, во двојката Бузлиев, тројката резервирана за Марковски, четворката за Јованова и петтата за Мицковски.
На седница на Централниот комитет, едногласно беа утврдени листите на ЛП за претстојните предвремени избори.
Претседателот Ивон Величковски е носител во првата, потпретседателот Кире Бузлиев во втората, Даница Јованова од Кавадарци во четвртата, а економистите Данчо Марковски од Велес и Кице Мицковски од Ресен се носители во третата и петтата единица, соодветно.
Извршниот комитет е овластен да ги утврди евентуалните листи на кандидати за изборните единици 6 и 7.
-Денеска го имам задоволството да ви се обратам како носител на првата самостојна кандидатска листа на Либералната партија по 1994 година, по цели 22 години од последниот пат кога самостојно сме настапиле на парламентарни избори. Ви благодарам што сум дел од вас и што заедно ќе го носиме товарот, предизвиците и успехот на изборите! Нека ни е честито! Доста беше нечујност и невидливост. Доста беше балансирање со туѓите на сметка на политиките, понудата и ставовите на Либералите. Сега секој што ќе ја поддржи Либералната платформа – поддржува јасна платформа на граѓански блок во кој поддршката ја дава лично и несебично – на основа на анти-популизам, реализам и одржливост. На основа на она што го гледа и чувствува, без поткуп, закана или притисок. Затоа што така сака. И затоа што ќе ја брани слободата на свој избор- рече Величковски.
Тој појасни дека само луѓе без дамки може да водат одговорна политика, па затоа немало основа за соработка со партиите кои политиката сакаат да ја водат како и сега.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.