| четврток, 6 декември 2018 |

Бизнис-империјата на Трамп: Oд облакодери, долна облека до водка

Бизнис-империјата на милијардерот Доналд Трамп, кој беше избран за претседател на САД, не вклучува само недвижности, тој поседува и голем бизнис, модна куќа… Од 515 средства, кои кандидатот на републиканците ги наведе во даночната изјава, во 264 присуствува зборот „Трамп“, а во уште 54 ги има неговите иницијали.

Меѓу тие брендови се „трамп дрикс израел“ (енергетски пијалаци), „трамп ајс“ (минерална вода), „трамп каризел“, „трамп класикс карс“, „трамп винејард естејтс“ и др. Трамп сепак има и неуспеси во бизнис-досието – 4 банкротирани казина, Универзитетот „Трамп“, хипотеки „Трамп“, авион и водка „трамп“.

Меѓу имотот на американскиот претседател е новиот хотел „Трамп интернешнел хотел“ во Вашингтон, познат уште како „Старата пошта и Саат кула“. Тоа е историска зграда, изградена во 1899 година и се наоѓа на авенијата Пенсилванија, непосредно до Белата куќа. Според „Њујорк тајмс“ инвестициската група на Трамп е „лавиринт од долгови и нетранспарентни односи“.

Изданието проценува дека вкупниот долг на неговите фирми е минимум 650 милиони долари. Сепак, новиот хотел на Трамп е едно од најсоодветните места, на кои тој може да ја организира прославата по повод стапувањето на должност како претседател на САД.

Друг познат имот на Трамп – е канцеларија облакодер со адреса 555 Калифорнија стрит, кој во текот на неколку години беше највисоката зграда на Западниот Брег. Друга недвижност што ја има Трамп е „Трамп нешнел голф клуб“, лоциран токму на брегот на Пацификот – во град наречен Ранчо Палос Вердес, кој е во близина на Лос Анџелес. Ова не е само место за средба на богатите и славните, туку Трамп ја дава територијата за изнајмување и снимање филмови и реклами.

Доналд Трамп се занимава и со друг љубопитен бизнис. Тој пушти во продажба свој парфем: мирисот „емпаер“ за „самоуверени мажи“ и „саксес“ – „инспиративна комбинација од свежа смрека и рибизли, измешано со коријандер“. Американскиот претседател има и моден бизнис. Неговата модната агенција „Трамп моделс“ се наоѓа во Њујорк и е основана во 1999 година.

Од модни куќи до комплекси со неговото име како „Трамп палас“ во Њујорк, облакодерот „Трамп тауер“ американскиот претседател е сопственик на уште десетици бизниси, а неговата состојба се проценува на 3,7 милијарди долари според списанието „Форбс“, а, според него, тие се 10 милијарди долари.

„Внатрешно Трамп е како седумгодишно момче, кое се крие зад лушпата на еден стар човек. Тој може да изгледа атрактивно во разговор лице в лице, но тој е исклучително недисциплиниран во интелектуален, емоционален, финансиски и општествен план“, смета новинарот Тимоти О’Брајан.

О’Брајан е автор на книгата „Нацијата Трамп“ и беше тужен од Доналд Трамп, бидејќи во книгата пишува дека тој е милионер, а не милијардер. Бизнисменот побара компензација од новинарот од пет милијарди долари, но на крајот го загуби случајот.

Според биографијата Трамп почнува да влегува во политиката откако неговата кариера како бизнисмен постепено се искривува. Инвеститорот стана и ѕвезда на ТВ-шоу, но останува човекот што го користи името во сè – од високите згради до водката и долната облека.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top