Околу двесте фотографии од сите континенти на светот ќе бидат претставени на 15. меѓународно биенале на фотографска уметност „Фотомедиа“, кое ќе биде отворено вечер во галеријата „Чифте амам“.
Организатор на биеналето е Фото клубот „ЕЛЕМА“ од Скопје. Добитник на Гран при награда „Плакета на Град Скопје“ е Аркадиуш Браницки од Полска, а традиционално наградата се доделува по повод 13 Ноември- Денот на ослободувањето на Град Скопје.
Изложбата ќе ја отвори ликовниот уметник и универзитетски професор Елизабета Аврамовска.
На годинашнава Фотомедиа селекцијата ја направија и наградите ги доделија Боро Рудиќ, Зоран Пургер од Србија и Јавор Попов од Бугарија. Според нив, карактеристично е што конечно запрело континуираното намалување на бројот на испратени дела.
– Првпат по десетина години, постои пораст на пристигнатите дела, зголемување за петнаесет проценти во однос на последната изложба. Дали е ова знак дека вистинските автори полека се заситуваат од дигиталните изложби и нивниот начин на работа, каде презентациите на фотографии обично завршуваат само како проекција на некој ѕид, или е ова чиста случајност, ќе покаже времето, истакнува Рудиќ во воведната реч за каталогот на „Фотомедиа 2016“.
„Фотомедиа“ е една од ретките изложби во светот која се уште ја негува исклучиво принт-фотографијата, во која доминира авторскиот пристап и по тоа е препознатлива во Светската фотографска асоцијација (FIAP).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.