| четврток, 6 декември 2018 |

Руски воени бродови избркале холандска подморница што ги следела во Медитеранот

Руска поморска група во Медитеранот забележала и избркала холандска подморница, која се приближила до бродовите за да ги набљудува нивните активности, објави руското Министерство за одбрана. Москва ја критикуваше холандската „несмасна“ акција.

Портпаролот на руското министерството генерал мајорот Игор Конашенков изјави дека денес два разурнувачи ја забележале подморницата од класата „волрус“ на 20 километри одалеченост од носачот на авиони „Адмирал Кузњецов“ и бродовите во неговата придружба.

Разурнувачите ја следеле подморницата повеќе од еден час, користејќи анти-подморнички хеликоптери, пред да ја принудат да замине од областа, кажа Конашенков. Тој не наведе како бродовите ја натерале подморницата да замине.

Конашенков додаде дека такви „несмасни маневри“ толку блиску до руската борбена група можеле да резултираат со инцидент.

Тој кажа и дека руските бродови претходно забележале неколку НАТО подморници, вклучувајќи и американска нуклеарна подморница од класата „вирџинија“, на пат кон источниот Медитеран.

Претставник на НАТО изјави дека морнарицата на Алијансата ја набљудувале руската поморска група во последните недели на „умерен и одговорен начин, како што е вообичаено“. Тој одбил да каже зошто НАТО го правел тоа.

На Твитер, холандскиот министер за одбрана кажа дека не ги коментира операциите што ги извршуваат подморниците.

Рускиот носач на авиони придружуван од нуклеарниот крстосувач „Петар Велики“ и неколку други бродови се наоѓаат во близина на брегот на Сирија, што е најголемата руска морнаричка мисија по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top