| четврток, 6 декември 2018 |

Авторката на бестселерот „Елиза на 11 години“ – гостинка на „Букстар“ 2016 година

Романската писателка Дојна Рушти ќе гостува утре, на 8 ноември 2016 година, со почеток во 20 часот, во „Јавна соба“ каде што ќе биде промовиран нејзиниот роман „Елиза на единаесет години“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Александра Каитозис. Преводот е објавен со поддршка на Романскиот културен институт од Букурешт.

Романот е добитник на наградата „Јон Креанга“ од страна на Романската академија во 2009 година и, во моментов, според него се снима филм. Ќе го промовира писателот и литературен критичар Ермис Лафазановски. По промоцијата следува забава со диџејски сет на Теа Шалдева, една од најпознатите диџејки на македонската клупска сцена. 

unnamed

Во едно село во близината на Букурешт доаѓа до вистинска хистерија во моментот кога жителите дознаваат дека Елиза (девојче на 11-годишна возраст) има сифилис. Во текот на обелоденувањето на други случаи на сифилис, девојчето е обвинето дека го заразило, ни повеќе ни помалку, целото село. Постепено, медиумите, властите, родителите и обичните граѓани бараат Елиза да биде казнета, со што таа станува главен општествен непријател. Намуртена и самостојна, Елиза го покажува својот цврст карактер однесувајќи се како зрел човек.

Во Италија книгата ја споредуваат со „Чума“ на Албер Ками. Според оцените на критиката, ова е „роман полн со мистерија и со неочекуван крај“. Заснован на вистинска приказна, романот претставува еден вид „рендгенска снимка“ на модерното општество.

unnamed

Дојна Рушти (1957) е eдна од најпознатите писателки од Романија. Своите дела почнува да ги објавува по падот на комунизмот. Авторка е на осум книги и на голем број раскази, вклучени во разни антологии. Во своите дела пристапува кон фантастични теми сместени во реален контекст. Добитничка е на еминентни награди во својата родна земја. Преведена е на 10 јазици. Живее во Букурешт, каде што работи како професорка и филмска сценаристка. Освен во родната земја, одржала предавања и на универзитети во Будимпешта, Торино, Рим, Лајпциг и на многу други места. Во Македонија доаѓа во придружба на својот сопруг.

Читателите ќе имаат поголема можност да ја запознаат авторката одблиску и дента на 8 ноември во Книжевниот центар „Антолог“, во периодот од 11 до 12 часот, кога ќе се одржи Книжевното кафе, на кое таа ќе потпишува книги и со кафе и со колачиња ќе ја запознае својата публика во Македонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top