Доколку забраната на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) не биде отповикана, на 20 ноември ќе се навршат два месецa од штамата на македонска музика на која се пикнати в ќош македонските телевизии и радиостаници. На 20 ноември и 12-годишната Мартија Станојковиќ ќе настапи за Македонија на 14. Детски избор за песна на „Евровизија“ во Малта.
Дали нејзиниот настап ќе биде цензуриран и дали македонската песна ќе ја има соодветната промоција на Македонската радиотелевизија, како што налагаат правилата на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), до овој момент никој нема одговор.
Уредникот на културно-уметничката програма на националниот сервис Мери Попова вели дека многу е жално што овој проект го следи таква дамка наречена забрана, а проблемите со кои како национална телевизија се соочуваат по одлуката на ЗАМП да се сотре емитувањето на македонска музика во медиумскиот етер, нѐ прикажуваат пред светот како несериозни.
Како забраната за емитување македонска музика влијаеше на Македонската радио-телевизија?
Како што одминува времето, имам чувство дека освен јавноста, Македонската радио-телевизија е единствениот засегнат субјект што по својата структура на јавен сервис е должен да емитува најразлична програма и да ги афирмира културните вредности на нашето општество во земјава и во светот, вклучително и музичката програма, која според законот, треба секојдневно да ја емитуваме на своите програми, па дури и во услови на војна. Со своите проекти, кои се често со меѓународна димензија, а поради актуелната забрана од ЗАМП – преку МРТ се огледуваат сите наши внатрешни проблеми, кои сметам дека треба да останат „дома“. Зашто, нашите проблеми не го интересираат никого во светот, освен што оддаваме впечаток на несериозност. Од тој аспект, сметам дека Македонската радио-телевизија требаше да биде изоставена од забраната.
Колку оваа забрана влијаеше и врз подготовките и учеството на Мартија за Детскиот избор за песна на „Евровизија“?
МРТ како долгогoдишна активна членка на Европската радиодифузна унија го потпиша договорот за учество на Јуниорската „Евровизија“ со ЕБУ уште во јули годинава. Процесот на подготовки и избор на песна веќе течеше кога во септември стапи на сила забраната од ЗАМП за емитување македонска музика. Со оглед на фактот што целиот проект има точно утврдени правила и термини за реализација, се обративме до ЗАМП со писмо во кое бараме да го разгледаат овој посебен случај од национален интерес и да направат исклучок, со тоа што ќе дозволат две емитувања на песната – прво јавно емитување, промоција за територија на Р. Македонија и второ емитување на самиот директен пренос на Јуниорската „Евровизија“. Но, 20 ноември се наближува… денот кога цела Европа ги слави музиката и еднаквоста на децата и нивните права, а сѐ уште нема одговор од ЗАМП!
До каде се подготовките за настапот? Каква промоција добија Мартија и Македонија?
И покрај забраната од ЗАМП, промоцијата на песната што ќе ја претставува Македонија на Јуниорската „Евровизија“ ја направи ЕБУ, на својата официјална интернет-страница, каде што засега најмногу прегледувања и позитивни коментари има токму нашата песна создадена од Александар Масевски, со видеоспот во реализација на Александар Ристовски – Принс. Многу е жално што, можеби, за првпат Македонија има олку успешен музички пакет, кој, од една страна, е толку многу фален од целата европска јавност и од медиумите, а, од друга страна, го следи дамка со таканаречената забрана за нејзино емитување, нешто што е сосема нејасно за 21 век!
Значи ли забраната дека Детскиот избор за песна на „Евровизија“ нема да се емитува на МРТВ или, пак, дека како македонска музика, би се цензурирал само настапот на Мартија?
Според правилата на ЕБУ, Јуниорската „Евровизија“ мора да се емитува на програмите на Македонска телевизија и на Македонско радио, но, навистина, не сакам да верувам дека настапот на Македонија и на Мартија ќе биде цензуриран. Во тој случај, не знам какви ќе бидат консеквенциите од ЕБУ, кои, де факто, ќе се одразат врз сите инволвирани во случајот.
Поради забраната на ЗАМП донесовте одлука годинава да биде откажан и „Скопски фестивал“. Постои ли можност да се промени тоа?
Неодамна МРТ ја информираше јавноста за откажување на реализацијата и на одржувањето на годинашното издание на „Скопскиот фестивал“ токму поради актуелната состојба во земјава, произлезена од забраната за емитување македонска музика. Македонската радио-телевизија, по својата структура и задача во општеството е да продуцира програма што потоа ќе ја емитува на своите програми за најширокиот аудиториум. Во случајот со „Скопскиот фестивал“, МРТ секоја година одвојува многу голем буџет, за фестивалот да има таков гламурозен изглед како што заслужува. Тоа значи дека треба да се отштетат сите автори и изведувачи на избраните композиции, оркестар, награди за најдобрите, да се обезбеди соодветна сала за одржување на фестивалот, сценографија, светло, озвучување и уште милион други детали што се составен дел од целиот проект. Во сето тоа вложуваме многу посветеност и труд, за потоа истите композиции да бидат составен дел од вкупната редовна ТВ и радиопонуда на МРТ, па, ако сакате, и на сите други радиодифузери во земјава. Имено, ЗАМП се огласи со нејасно соопштение во кое ни дозволува одржување со едно емитување на фестивалот, кое го сметаме за многу навредливо! МРТ не е „фирмичка“ што го продуцира Скопскиот фестивал за да заработи од продажба на билети, а за такво нешто – ниту баравме дозвола од нив, ниту е потребна!
Разговорот со Мери Попова беше направен пред Министерството за култура да донесе Решение за запирање извршување на Одлуката на собранието на ЗАМП со која се забранува емитување авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување, но и пред ЗАМП да се изјасни кој е нивниот следен чекор за ова решение.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 218. број на неделникот „Република“, 4.11.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.