Полицајците во американската сојузна држава Јужна Каролина вчера ја пронашле 30-годишната Кала Викторија Браун, која заедно со 32-годишниот партнер Чарлс Дејвид Карвер исчезнала уште кон крајот на август, а чиј случај неодамна ја заинтригирал јавноста, откако профилот на Чарлс одненадеж „оживеал“ и почнал да објавува статуси, вклучувајќи и некои поврзани со исчезнувањето на двојката.
Како што известиле локалните медиуми, Кала била пронајдена жива на приватен имот во Вудраф во округот Спартанбург. Била врзана со синџир околу вратот во метален контејнер во кој минала дури два месеци, во текот на кои добивала и храна и вода. Чарлс не е пронајден, но на истото место бил паркиран неговиот автомобил.
Полицијата кратко по пронаоѓањето на Кала го уапсил Тод Колеп, 45-годишен маж од списокот на регистрирани сексуални престапници, за кој било утврдено дека е сопственик на имотот. Кала на полицајците им раскажала дека на имотот, кој се простира на 40 хектери, може да се најдат четири мртви човечки тела, но засега нема информации за кои луѓе станува збор. Се споменува дека лешовите може и да се запалени.
Шерифот на округот, Чак Рајт, изјавил дека инспекторите настојуваат да утврдат дали уапсениот е можеби сериски убиец.
– Само со божја милост оваа девојка ја пронајдовме жива – рекол Рајт и додал дека верува дека осомничениот ги познавал и Кала и нејзиното момче.
Подоцна било објавено дека Кала била вработена кај Колеп. Тој наводно имал агенција за продажба на недвижнини, а Кала ги уредувала и чистела објектите пред да им бидат понудени на купувачите. За него работела само неколку седмици пред да исчезне на 30. август. Медиумите јавиле дека тој се наоѓа во регистарот за сексуални престапници уште од 1987. година, поради злоставување на малолетник во Аризона.
Опишувајќи како полицајците ја пронашле Кала, шерифот Рајт раскажал дека добиле дојава на дека имотот на Колеп илегално се поставени стапици за мечки. Додека полицајците го пребарувале големиот имот, слушнале тропање од контејнерот, а во него ја пронашле Кала.
– Жива и здрава е, но психички е скршена, моментално е во болница – рекол шерифот и открил дека на имотот била пронајдена поголема количина на оружје и муниција.
– Се обидуваме да сфатиме што навистина се случило тука и за што ќе го обвиниме Колеп. Сигурно ќе го гониме кривично за киднапирање, а можеби и за убиство -рекол шерифот.
Кала и нејзиното момче се заедно од минатото лето, неколку месеци откако Карвер се развел од својата сопруга. Статусите на неговиот профил на Фејсбук почнале да се појавуваат две седмици откако исчезнал парот, а засега не е јасно кој ги поставувал, иако сомнението паѓа на Колеп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.