
Маратонскиот пливач Томи Стефановски денеска ќе стане првиот македонски спортист кој влегол во Куќата на славните откако Меѓународната куќа на славните на маратонското пливање од Лос Анџелес реши да го додаде неговото име на својата почесна листа за неговиот придонес за спортот.
– На 4 ноември продолжуваме со традицијата и четири нови пливачи ќе бидат вклучени на почесната листа – Клои Мекардел (Австралија), Томи Стефановски (Македонија), Атила Мањоки (Унгарија) и Чарли Гревет (Велика Британија) – соопшти ИМСХОФ.
ИМСХОФ постои од 1963 година и досега во Куќата на славните се примени 248 маратонски пливачи.
Томи Стефановски официјално потврди дека се повлекува на 8 септември, еден ден по враќањето од Италија каде што со освоеното шесто место на маратонот Капри-Неапол ја освои светската титула во Гран-при серијата на ФИНА. 45-годишниот Стефановски беше вицешампион во серијата пред две години, додека во 2009 година успеа да го преплива каналот Ла Манш. Сезонава тој победи на Охридскиот маратон како највозрасен пливач со ваков успех, а беше трет во трката на езерото Сен Жак во Канада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


