Над 22 милиони Американци веќе имаат излезено на раното гласање за претседател на САД, па постојат извесни индикации за исходот на трката за Белата куќа на нешто помалку од една седмица во пресрет на главниот изборен ден.
Како што покажуваат резултатите од раното гласање, Хилари Клинтон има водство во неопределените држави Невада, Вирџинија и Колорадо, што значи дека Доналд Трамп мора да победи во речиси сите останати неопределени држави и да ја одбрани својата позиција во државите каде што Републиканците имаат најголема поддршка.
Засега, може да се каже дека постојат знаци за ентузијазам во корист на кандидатката на Демократите Хилари Клинтон меѓу раните гласачи од латиноамериканско потекло, кај жените и кај либералите – белци.
-Загрижувачки знаци за предизборниот тим на Хилари Клинтон се ниските бројки кога станува збор за гласањето на афроамериканците и помладите гласачи. Тие беа клучен дел од коалицијата која што го избра и реизбра актуелниот претседател Барак Обама, изјави Бери Барден, професор по политички науки на Универзитетот Висконсин-Медисон.
Кога станува збор за бројките кои што се во корист на демократската кандидатка за претседател на САД, постојат добри, но и лоши вести, при што поддржувачите на Демократската партија во некои држави излегуваат на гласачките места во поголем број од Републиканците. Но, затоа излезеноста во корист на Клинтон е помала кај младите Американци и афроамериканците, пренесува AFP.
Француската агенција потсетува дека токму тие две категории – младите и афроамериканците се клучни гласачи кои што во Белата куќа го одведоа Барак Обама во 2008-ма година.
Инаку, истовремено и Хилари Клинтон и нејзиниот републикански противкандидат Доналд Трамп се прилично непопуларни, со необично ниска поддршка. Додека Хилари има 44% поддршка од гласачите, Доналд Трамп го поддржуваат 38% од гласачите, според просечните резултати од анкетата која што ја објави независната медиумска компанија RealClearPolitics.
Сепак, мора да се нагласи дека ненадејната минатонеделна вест околу мејловите на Хилари Клинтон и новото отворање на истрагата на ФБИ, внесе нова неизвесност во претседателската трка.
Новото истражување на Вашингтон пост и на ЕЈ БИ ЦИ покажува дека Доналд Трамп е во предност со 46%, наспроти 45% од гласовите, што е прв случај кандидатот на Републиканците да води во некоја анкета од мај месец оваа година.
Уште позначајно е тоа што на истата анкета е утврдено дека бројот на поддржувачи на Хилари Клинтон кои што биле ентузијасти во поглед на нејзината кандидатура опаднал од 51 на 43 проценти, додека бројот на поддржувачите на Доналд Трамп останал непроменет, односно 53 проценти.
Мајкл Мекдоналд од Универзитетот на Флорида смета дека нема изгледи сега да се влијае на одлуката на луѓето кои што порано излегуваат на гласање: „Луѓето слушнаа многу информации за кандидатите, донесоа одлука и затоа излегуваат и гласаат“, вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.