
Ирачката војска влезе во Мосул прв пат откако пред две години вториот најголем град во Ирак беше окупиран од страна на терористичката организација Исламска Држава. Битката за секоја улица таму се уште трае, а секој ден се повеќе се чини дека позазот на ИД е неизбежен. Борбата во овој град ќе се покаже како уште позначајна доколку се потврат наводите кои велат дека Абу ал Багдади, самопрогласениот лидер на ИД навистина се крие во Мосул.
Според изјавите на еден чиновник од курдската војска, Багдади е сместен во Мосул кој веќе неколку дена е опколен, пренесува Индепендент.
Фуад Хусеин, помошник на претседателoт на курдскиот регион во Ирак Масуд Барзани, изјавил дека имаат информации потврдени од повеќе извори кои потврдуваат дека главниот авторитет на ИД се наоѓа во градот.
– Багдади е во Мосул. Ако него го ликвидираме, тоа ќе значи целосен распад на целиот систем на ИД, изјавил Хусеин.
Во тој случај ИД во средина на битката која ја губи ќе треба да избере нов калиф, но кој и да биде новиот лидер, тој со сигурност нема да има толкав авторитет како Багдади помеѓу групите кои и онака веќе се разбиени, а многумина од нив гледаат само како да спасат жива глава.
Од друга страна, присутството на Багдади во Мосул најверојатно ќе ја направи битката во овој град уште пожестока, бидејќи неговите приврзаници ќе се трудат да го заштитат него, а со тоа и калифатот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


