Жу Канфеј е најбогататат жена во Кина, а своето богатство го стекнала благодарение на својот труд. Нејзината компанија Ленс Технолоџи денес е една од водечките светски дистрибутери на стакло кои се користат во производството на екрани за лаптопи, таблети и мобилни уреди.
Оваа успешна Кинескиња е родена во 1970 година во многу сиромашно семејство во провинцијата Хунан. Нејзиниот татко бил занаетчија, а мајка и починала кога таа имала само пет години. За да му помогне на своето семејство, работела на фарма каде чувала свињи и патки, а истовремено одела и во училиште.
Сепак, поради лошата материјална состојба морала да го напушти училиштето и почнала да работи во фабрика која произведувала стакло за сочива за часовници за дневница од 1 долар.
– Работев од осум часот наутро до полноќ. Немавме смени, а со мене работеа уште шестмина, Ја мразев својата работа, рекла Жу во интервјуто за Њујорк Тајмс.
Според листата на Форбс во моментов таа се наоѓа на 205. место на листата на светски милијардери.
После три години работа во фабриката одлучила да даде отказ, а директорот за да ја задржи и предомисли во одлуката да си оди и понудил повисока плата и ново работно место. Ова било нејзино прво унапредување, но после само неколку месеци Жу решила да си замине и со заштедата од 3 илјади долари да отвори сопствена продавница.
Она што ја направило милијардерка се мобилните телефони. Имено, во 2003 година таа се уште се занимавала со производство на стакло за часовници, а откако добила понуда од Моторола да работи со нив на развивање на екран за нивни нов модел, нејзиниот живот се променил.
Откако екранот кој го направила со нив бил оценет како совршен, почнала да добива понуди за работа од Нокиа и Епл. Потоа ја основала својата нова компанија, а за само неколку години станала и најбогатата жена во Кина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.