| четврток, 6 декември 2018 |

Сеизмолизите предупредуваат: По силниот земјотрес во Италија ќе се стресе и Македонија

Силните земјотреси што ја погодија централна Италија може да значат создавање нов расед или се отвора некој за кој досега помалку се знаело. Тоа, секако, е поврзано и со регионот и може да има влијание и во сеизмичката активност во Македонија, оценија вчера сеизмолозите од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Италија исто како и Македонија страда од ударите на африканската тектонска плоча во евроазиската. Тоа движење предизвикува силни земјотреси во целиот регион, најчести се во Грција и Италија, но во последно време засилена сеизмичка активност има и во Македонија и на целиот Балкан.

И македонскиот сеизмолог Kатерина Дрогрешка за Дневник вели дека не станува збор за афтершокови, туку за нови земјотреси.

– Не ја познавам тектониката на Италија, но по ова како се случуваат потресите во централниот дел од земјата, значи дека таму има невообичаена тектонска активност. Во последните 6 години ја следам таа активност и во Италија, досега не сум сретнала вакво нешто. Во Грција, на пример, има многу почесто земјотреси отколку во Италија. Но, во Италија се случува нешто невообичаено, засилена сеизмичка активност. По големите земјотреси ќе следат неколку помали и тоа е добро, оти така ќе се ослободи таа заробена енергија што го предизвика големиот земјотрес – вели Дрогрешка.

Михаил Гаревски, вели дека е речиси убеден оти станува збор за нови земјотреси, а не за афтершокови и оти веќе е извесно дека се создава нов расед или разгранок на досегашниот, затоа и има зачестени земјотреси во тој дел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top