| четврток, 6 декември 2018 |

Министерот за внатрешни на Србија: Ова не е првпат, Вучиќ и семејството се на безбедно

Министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ изјави дека премиерот Александар Вучиќ и неговото семејство се на безбедна локација.

Тој ги повика безбедносните служби да излезат со информации кои ги поседуваат по пронаоѓањето на арсеналот оружје и муниција во близина на куќата на Вучиќ.

Тој изјави дека ова не е првпат во последните неколку месеци, но не сакал во јавноста да зборува за тоа.

– Многу сум загрижен за безбедноста на премиерот. Тој е на безбедно, има физичка заштита, ама таа не е доволна во овие ситуации. Ќе барам од безбедносните сили информации, да видиме што знаат. Ако не се кадарни, тогаш нека се повлечат – изјави Стефановиќ.

Тој објасни каде е пронајдено оружјето.

– Така се ликвидираат луѓе. Оружјето беше на местото на кое поради конфигурациите на теренот возилата мора да успорат и е на идеална одалеченост за употреба на зоља која служи за уништување на оклопни возила – изјави Стефановиќ.

Војската и полицијата кои работат на увидот изјавиле дека тоа е идеална одалеченост од 50 метри за употреба на наоружувањето кое било скриено во шумата.

– Тоа е идеално место за некој да го изврши делото и да исчезне – изјави Стефановиќ.

Според министерот Вучиќ никогаш не сакал да говори за својата безбедност, туку сакал да се занимава за економијата, со платите и пензиите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top