Македонија и Србија во изминатите 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, успеаја да изградат искрени пријателски односи и континуриан и одличен политички дијалог, како и заеднички интерес и обострани заложби да ја унапредиме соработката во сите области, истакна претседателот Ѓорге Иванов по денешната средба со српскиот претседател Томислав Николиќ.
Српскиот претседател истакна дека на средбата со Иванов констатирале дека политичките односи меѓу Србија и Македонија се многу добри и дека во овој период, преполн со различни предизвици, покажале дека преку соработка и разговор може да се спречат и да се надминат сите тешкотии, јави известувачот на МИА од Белград .
Иванов е во работна посета на Белград и Панчево по повод одбележувањето на јубилејот „70 години од доселувањето на Македонците во Војводина“.
Иванов и Николиќ на средбата повторно го покренале прашањето за склучување билатерален договор за заштита и користење на културноисториските споменици и обележја на териториите на двете држави. Иванов, како што кажа, смета дека склучувањето на ваков договор ќе биде од заемен интерес и очекува двете влади неодложно да почнат да работат и да формираат работни групи со цел негово усогласување. На регионот, каде има премногу историја, според македонскиот претседател, му треба заемно почитување, дијалог и проактивност.
– Треба да се насочиме кон иднината, без разлика што имаме отворени и различни позиции по некои прашања, рече Иванов.
Двајцата претседатели разговарале и за последните случувања во регионот, за мигрантската криза, за заедничките безбедносни предизвици, како и за европските перспективи на двете земји.
Иванов најави покренување оживување на проектот Дунав-Морава-Вардар, за што е заинтересирана и соседна Грција.
Николиќ, пак, изјави дека од македонскиот претседател побарал Македонија принципелно да ја поддржи Србија со гласање против членство на Косово во УНЕСКО.
Македонскиот претседател во Белград ќе се сретне и со српскиот премиер Александар Вучиќ.
Во рамки на работната посета доцна попладнево ќе биде одржан македонскосрпски бизнис форум на кој ќе учествуваат дваесетина македонски компании од фармацевтската, прехранбената, металната, градежната индустрија, како и од областа на информатичките технологии, графичките дејности и транспортните услуги. На отворањето на бизнис форумот во Белград, ќе се обратат претседателите Иванов и Николиќ, како и претседателите на Стопанските комори на Македонија и на Србија.
Во рамки на централната прослава по повод одбележувањето на големиот јубилеј „70 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, во недела во Панчево, ќе биде одржана Свечена академија, на која обраќања ќе имаат двајцата претседатели Иванов и Николиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.