| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува електронска наплата во автобусите

Од први јануари ќе почне електронската наплата во автобусите на ЈСП Скопје и „Слобода превоз“. Билетот за возење во градските автобуси во Скопје ќе се наплаќа исклучиво преку новите апарати кои во изминатиот период се поставуваа, задолжително, во сите возила кои оперираат низ улиците на главниот град.

Со новите измени, цената за билетите, независно од бројот на возења или типот на билет ќе биде унифицирана за сите превозници, што ќе значи иста цена за возење во приватните и автобусите на ЈСП. Видот на картите ќе остане речиси непроменет, односно во оптек ќе бидат билети за преседнување од еден во друг автобус, зонски, дневен, неделен, месечен или викенд-билет.  Картичката која ќе се користи за наплата ќе биде персонализирана со фотографија и податоци за корисникот.

Приватните превозници ќе добиваат по 1 евро за секој изминат километар, почнувајќи од 1-ви јануари од кога се очекува и официјално да стартува електронската наплата и примена на новите правила. Сретствата генерирани преку електронската наплата ќе ги собира Град Скопје, за подоцна да ги рефундира приватните превозници. Новиот систем нуди и прецизно електронско мерење на секој изминат километар со што точно ќе се знае кое возило колкава релација има покриено. Понатаму, ќе се утврди единствен возен ред кој ќе биде усогласен со приградските линии. Главен носител на превозот останува ЈСП, а во истиот можат да се вклучат и други кои ги исполнуваат прописите и условите за извршување на јавен градски превоз.

-„Досегашното практицирање на концептот во Градот Скопје покажа одделни недостатоци што во крајна линија резултираат како проблеми и незадоволителна фактичка состојба во линискиот превоз во градот, како неспроведување на постојните градски прописи во оваа област и се реперкуираа врз квалитетот на превозот. Ваквата констатација може да се согледа преку: непочитување на возниот ред, за што постојат објективни причини во капацитетот на улиците, огромниот број на возила и состојбата на сообраќајот воопшто, но, секако, и субјективни причини кај превозниците“ посочуваат од Градот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top