Русија не планира да нападне ниту една земја и не се меша во претседателските избори во САД, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето Меѓународниот дебатен клуб „Валдај“, што се одржува во рускиот град Сочи.
– Смешно, глупаво и непромислено е да се тврди дека Русија планира да нападне некого, истакна Путин.
Како што јави ТАСС, Путин во обраќањето го обвини Западот дека ја преувеличува руската воена закана, само за да го оправда зголемувањето на своите трошоци за воени цели. Рускиот претседател ги оцени и како бесмислени обвинувањата дека Русија се меша во изборите за претседател на САД, закажани за 8 ноември. Зарем Америка е некаква банана република, запраша реторички Путин, додавајќи дека САД се „голема држава“.
Тој изрази жалење и што Русија не располага со толкави глобални пропагандни средства, какви што имаат САД.
– Јас би сакал да имаме таква пропагандна машинерија во Русија, но за жал тоа не е така. Ние немаме такви глобални средства за масовно информирање како што се Си Ен Ен, Би Би Си и другите мрежи, изјави Путин.
Рускиот претседател оцени дека во последниве месеци во меѓународните односи ништо не се променило на подобро, туку напротив само се засилиле противречностите предизвикани од економската моќ и политичкото влијание.
– НАТО не се прилагоди на новите услови, рече Путин, потенцирајќи дека Алијансата е создадена во време на Студената војна и дека не е променета од тогаш, иако денес состојбата во глобални рамки е драстично изменета.
Тој нагласи дека денес глобалната терористичка закана расте, како и дека екстремистите станеле помудри, посили и поитри. Тероризмот можеме да го победиме само со заеднички напори на сите држави. Денес ни е потребен нов „Маршалов план“ за обова на Блискиот Исток, кој е измачен од војни и конфликти, порача Путин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.