| четврток, 6 декември 2018 |

Третото коло во Евролигата започна со изненадување, Реал Мадрид поразен на домашен терен

real-madrid

Реал Мадрид го претрпе првиот пораз во Евролигата сезонава, сосема неочекувано откако „кралевите“ капитулираа на домашен терен против Басконија, губејќи со 87-91 Нападот повторно беше на посакуваното ниво, но овојпат шпанскиот гигант потфрли во фазата на одбраната, пред се во првата четвртина во која гостите од Баскија постигнаа дури 32 поени за десет минути игра (19-32).

Реал со ангажирана игра успеа да се врати во натпреварот, а на една минута до крајот домаќините имаа и предност од 87-86. Сепак, Ханга погоди за Басконија, а по загубената топка на Љуљ следеше тројка на Јака Блажиќ, со која словенечкиот кошаркар ги шокираше домашните кошаркари и навивачи, носејќи му огромна победа на својот тим.

Блажиќ со 22 поени беше најефикасен кај победничката екипа, во чии редови Воигтман оствари дабл-дабл од 18 поени и 11 скокови. Кај Реал Мадрид најдобри поединци беа Ајон со 16 и Дончиќ со 15 поени.

Во останатите три натпревари кои беа на програмата синоќа, Дарушафака одигра феноменално на гостувањето кај Уникс Казан и славеше победа со 94-87, шампионот ЦСКА Москва стигна до уште една победа во новата сезона и тоа на гостински терен во Истанбул. Теодосиќ и другарите беа подобри од Анадолу Ефес со 93-87, а поранешниот европски шампион Олимпијакос рутински го совлада гостинот од Милано со 91-81.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top