Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жената, но со рано откривање секоја трета жена ќе преживее. Во Македонија секоја година се откриваат нови 750 случаи. За жал, кај некои жени може да се јави повторно карцином на дојка, или на истата или на другата дојка, или да се јават метастази, односно ракот да се прошири. Тоа може да се случи по неколку месеци, по неколку години, и тоа кај околу 30 отсто од жените со инвазивен карцином на дојка. Денес во светот еден од најголемите предизвици во борбата против ракот е да се открие кога и зошто се јавуваат метастази или повторен карцином кај некои жени, вели д-р Светлана Темелковска, специјалист радиолог при Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје.
Програмата за скенирање на дојката функционира повеќе од една година. Што очекувате од неа?
ТЕМЕЛКОВСКА: Програмата за скенирање, односно националната програма за рана детекција на рак на дојка, се изведува од април 2015 година во сите здравствени установи каде што има мамомат. Илјадници жени се прегледани и неколку се веќе оперирани на Клиниката за торакална хирургија. Термините за следните месеци веќе се полни, што значи дека жените се јавуваат за мамографски преглед. Многу сум задоволна што одиме напред на секој начин, што е зголемен број на жени што учествуваат во програмата, набавени се нови мамомати во јавните здравствени установи и планирана е едукација на медицинскиот персонал инволвиран во скенирањето. Очекувам многу, очекувам дека во следните пет години може да кажеме дека работиме во согласност со светските стандарди. Очекувам младите колеги да се вклучат во програмата на секој начин за да можат да работат скенирање, очекувам да продолжи поддршката од Министерството за здравство и од јавните здравствени установи бидејќи реалност е дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жената, дека со рана детекција секоја трета жена ќе преживее, дека во повеќето земји во светот се спроведува ваков вид програма за рана детекција и дека Македонија треба да ги следи насоките и препораките на ЕУ, Велика Британија, САД, Австралија и други.
Што покажуваат резултатите од „Мој термин“ за бројот на новооткриени случаи на рак на дојка?
ТЕМЕЛКОВСКА: Управата за електронско здравство (Мој термин) има изготвено софтверска апликација посебно наменета за скенирањето и еден одличен тим во управата работи на собирање, следење, препраќање и електронска евиденција за жените во програмата за скенирање. До јуни 2016 година, осум жени се оперирани во државното јавно здравство.
Дали постојат и други болести на дојката, освен карциномот, за кои знаеме помалку?
ТЕМЕЛКОВСКА: Постојат и бенигни промени на дојката, како што се цисти, фиброаденоми, хиперплазија, аденоза, интрадуктални папиломи, мастит, апцес и друго. Не мислам дека помалку знаеме за овие промени, туку жените доаѓаат на редовни прегледи со упат во „Мој термин“ токму за контрола на овие промени.
Постојат неколку дијагностички процедури за преглед на дојката. Што опфаќа магнетната резонанција?
ТЕМЕЛКОВСКА: Магнетната резонанција користи моќно магнетно поле за преглед и на дојка и е одличен дополнителен метод за дијагностика. Се користи за одредување на промените најдени со мамографија или со ултразвук, кај жени со детектиран рак на една дојка за одредување на проширеноста на ракот и евентуалните промени на лимфните жлезди, како и за исклучување на постоењето повеќе од еден карцином во истата дојка или во другата дојка, кај жени кои се со висок ризик за рак на дојка и имаат т.н. густи дојки, кај жени со импланти и за жени на кои им е одредена хемотерапија и следење на ефектот од терапијата. Пациентката не смее да има некој вид метал на себе или имплант, како што е пејсмејкер. При прегледот се користи и интравенски аплицирано контрастно средство и прегледот трае околу 30 минути.
На која возраст жените треба да почнат со самопреглед на дојките, а кога со ултразвук?
ТЕМЕЛКОВСКА: Секоја жена треба да почне со месечен самопреглед на возраст од 20 години и секоја жена треба да прави месечен самопреглед за да ги забележи промените на дојката, како тврдина, црвенило, оток, секрет од дојка и вовлекување на дел од кожата или пупката. Не секоја промена е малигна, но за секоја промена жената треба да се јави на лекар, односно кај радиолог. Што се однесува до ултразвучниот преглед, тој најчесто се користи кај жени помлади од 40 години, кои сами или нивниот матичен лекар забележале каква било промена на дојката. Се користи и како дополнителен метод по мамографијата кај жени постари од 40 години и кај жени со т.н. густи дојки.
Дали мамографијата е доволна за да се спречи појава на рак на дојка?
ТЕМЕЛКОВСКА: За жал, нема како да ја спречиме појавата на рак на дојка, односно нема превенција од рак на дојка. Ракот на дојка е случајна болест, настанува поради генетски фактори и фактори од животната средина. Тоа што можеме и мораме е да го откриеме ракот во неговата рана фаза, кога излекувањето е најуспешно, односно да ја намалиме смртноста од рак на дојка. Во дијагностичката радиологија не постои еден метод кој заменува друг и досега, по повеќе од 40-годишно искуство, истражување и следење, мамографијата останува единствен метод со најголема специфичност за детектирање на ракот на дојка. Другите методи се користат како дополнителни методи за дијагностика. Мора да спомнам дека, особено во скенирањето, мора да се користи само мамографска слика со совршен квалитет, односно современи мамомати и технички добра мамографија.
Која е најмладата пациентка во Македонија со рак на дојка?
ТЕМЕЛКОВСКА: Најмладата пациентка има 18 години, но тоа се ретки случаи и во светот и кај нас. Најчеста возраст за заболување од рак на дојка е на 50-60 години.
И мажите заболуваат од рак на дојка. Има ли пациенти во Македонија на кои им е дијагностициран рак на дојка?
ТЕМЕЛКОВСКА: Да, и мажи заболуваат од рак на дојка и во светот и во Македонија. Но, е многу поредок отколку кај жените, односно 1 случај на 100.000 карциноми може да се јави кај машката популација (додека кај жените 1 од 8 ќе се соочи со рак на дојка во својот животен век). Факторите на ризик се слични, односно најчесто на возраст од 60 години, позитивната семејна анамнеза и дебелината.
Дали еднаш откриен, дијагностициран и излекуван рак на дојката може да се повтори?
ТЕМЕЛКОВСКА: За жал, да, кај некои жени може да се јави повторно карцином на дојка, или на истата или на другата дојка, или да се јават метастази, односно ракот да се прошири. Тоа може да се случи по неколку месеци, по неколку години, и тоа кај околу 30 проценти од жените со инвазивен карцином на дојка. Денес во светот еден од најголемите предизвици во борбата против ракот е да се открие кога и зошто се јавуваат метастази или повторен карцином кај некои жени. Во САД, Велика Британија и во Шведска, како и во други развиени земји, се вршат анализи, истражувања на оваа тема и се прават големи напори за да се дојде до одговор со цел продолжување на животот на жената.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(интервјуто е објавено во 216. број на неделникот „Република“ кој излезе во печат на 21.10.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.