Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври Денот на Mакедонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија. Денеска, на 23 Октомври го прославуваме денот кога во далечната 1893 година шестмина Македонци сплотени ја создадоа првата семакедонска организација која ги даде основните насоки за создавање слободна, независна и суверена македонска држава. Нивната мисија го обедини народот на Македонија, независно од етничката, верската или јазичната припадност во заедничката борба за слобода, државност и независност, вели во честитката Иванов.
Годините кои следеа, посочува претседателот, носеа жртви и искушенија.
Имавме многу изгубени битки и погубени воини. Но, борбата за слобода не запре. Патот до слободата што го започнаа шестемина родољуби, го продолжија нашите комити и партизани, нашите илинденци и борци во Народноослободителната и антифашистичка борба. Пред 25 години, на 8 Септември 1991та, на нашиот трет Илинден конечно се оствари вековниот стремеж за слободна, самостојна и независна Република Македонија како демократска држава во која сите се рамноправни и еднакви, подвлекува во честитката македонскиот претседател. Тој истакнува дека славејќи го денот на шестемина основоположници на идејата за слободна, суверена и демократска Македонија, ние се потсетуваме на суштината на овој светол празник, а тоа е дека само кога сме сплотени – победуваме, а кога сме поделени – назадуваме.
Денес, потенцира Иванов, Република Македонија е поделена повеќе од кога и да било порано во изминатиот четврт век. Истакнува дека внатрешните поделби се одразуваат на државните интереси, на европската иднина на Македонија.
-Во името на нашите херои од минатото, но и нашите деца, кои се херои на иднината, ве повикувам да смогнеме сили, да се помириме и да се сплотиме. Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. И, пред сè, да се почитуваме, и покрај нашите најдлабоки политички и идеолошки разлики. Само така ќе успееме кон победите од минатото, да додадеме победи и во иднината. Само сплотени ќе успееме да истраеме на нашиот пат за просперитетна, посреќна и побогата Република Македонија. Нека ни е за многу години Денот на македонската револуционерна борба! Да живее Република Македонија- вели во честитката претседателот Иванов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани