Во однос на денешната прес-конференција на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, а поврзано со случајот „Топлик“, Министерството за транспорт и врски најостро реагира на изнесените констатации и невистини за злоупотреба на службената должност и овластувања од страна на службени и овластени лица на Министерството за транспорт и врски, реагираат од ресорното министерство.
Во продолжение следува интегрален текст од реакцијата на Министерството на транспорт и врски на прес-конференцијата на СЈО.
Имено, во 2007 година, Министерството за транспорт и врски, согласно своите законски надлежности за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија има спроведено постапка за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија во општина Сопиште, предвидено со урбанистички план за с. Сопиште.
Постапката е во целост спроведена во согласност со Законот за градежно земјиште и Уредбата за начинот и постапката на отуѓувањето, давањето под закуп и висината на посебните трошоци на постапките за отуѓувањето и давањето под закуп на градежното земјиште сопственост на Република Македонија.
Од страна на комисијата при Министерството за транспорт и врски се прибавени сите потребни докази за утврдување на сопственоста и тоа од страна на надлежни институции при што е констатирано дека во целост се исполнети законските услови за отуѓување на градежното земјиште.
Спротивно на наводите изнесени на денешната прес конференција јавното обвинителство, за наводно постапување спротивно на членот 3 од Уредбата за начинот и постапката на отуѓувањето, давањето под закуп и висината на посебните трошоци на постапките за отуѓувањето и давањето под закуп на градежното земјиште сопственост на Република Македонија, објавена во „Службен весник на РМ“ бр. 79, од 3.10.2001 година, објавата за отуѓување на градежното земјиште ги содржи сите задолжителни податоци кои се предвидени во споменатата уредба и тоа: податоци за градежното земјиште кое е предмет на отуѓување, почетната цена по м2 за земјиштето, рок за поднесување и начин на поднесување на пријавите за учество, депозит за учество на јавното наддавање, начин на спроведување на наддавањето и место и време на одржување на јавното наддавање, што може да се констатира од самата објава за отуѓување на предметното земјиште, објавена во печатените медиуми.
По спроведување на постапката за отуѓување на градежното земјиште, од страна на надлежниот државен правобранител како надлежен орган за произнесување во постапките за отуѓување на недвижен имот во сопственост на Република Македонија е дадено позитивното мислење, со што уште еднаш се потврдува дека се исполнети сите законски услови за отуѓување, по што е склучен договорот за отуѓување на градежното земјиште пред надлежен нотар и спроведен во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
Донесената одлука на Уставниот суд на Република Македонија за укинување на урбанистичкиот план претставува основ за раскинување на договорот, а не пропустите во работата на комисијата. Уставниот суд тоа го има направено од причина што претставува суштински елемент на договорот, која што воопшто не се однесува на наводите на СЈО за однапред познати причини за неможност на извршување на договорот, туку истата се однесува на формални недостатоци во водењето на постапката од страна на општината и тоа:
– јавната анкета која што ја спроведувала општината траела еден ден пократко од предвидениот рок со законот
– согласноста на урбанистичкиот план издадена од Министерството за транспорт и врски на ден 19.02.2007 година, општината во својата архива ја заверило на 21.02.2007 година, што е еден ден по усвојувањето на урбанистичкиот план од страна на советот на општината.
Во однос на раскинувањето на договорот и наводите за оштетување на буџетот на Република Македонија при исплата на законска затезна камата од страна на Министерството за транспорт и врски, би сакале да ја известиме јавноста дека Министерството за транспорт и врски нема склучено договор за раскинување на договорот, што е спротивно на тврдењето на обвинителството, туку истиот е раскинат со судска спогодба на ден 20.07.2011, која што е склучена помеѓу правното лице купувач, кој што е во својство на тужител и Република Македонија, претставувана од Државното правобранителство на Република Македонија за подрачје на Скопје, како застапник по закон.
Согласно споменатата судска спогодба се раскинува договорот за отуѓување на градежното земјиште, а се задолжува Министерството за транспорт и врски со истата спогодба склучена од страна на Државното прабовранителство единствено да ја врати купопродажната цена со законска затезна камата, а земјиштето да се врати во сопственост на Република Македонија. Согласно спомената спогодба, а со цел заштитување на имотните интереси на Република Македонија, не е прифатено тужбеното барање за исплата на надомест на име обична штета, што јасно укажува на постапување од страна на надлежните институции, а особено на Министерството за транспорт и врски во интерес на Република Македонија и заштита на имотните интереси на Република Македонија.
Единствено нешто што е преземено од страна на Министерството за транспорт и врски во постапката за враќање на уплатените средства и законски утврдената затезна камата, е постапувањето согласно судската спогодба, која претставува извршна исправа.
Овластените и службените лица на Министерството за транспорт и врски при секоја спроведена постапка исклучиво се водат од законски утврдените надлежности и овластувања и при спроведување на секоја поединечна постапка во целост ги запазуваат истите.
Би сакале да ја информираме јавноста дека Министерството за транспорт и врски има спроведено голем број на постапки за отуѓување на градежно земјиште, со што се овозможи реализација на нови инвестиции и вработувања, а и во иднина ќе продолжи со остварување на своите надлежности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Влада на РМ: Груевски ќе ја отслужи казната во Република Македонија
-
ВМРО-ДПМНЕ: Владата во изминатава година и половина не покажа ништо друго освен криминал
-
ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски го повикува на референдум народот што го нарекуваше стока
-
МВР: Дел од демонстрантите употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда