Вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски, денеска во Берлин имаше средба со шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмаер. Централна тема на средбата било одржување на фер и коректни избори, кои се предуслов за продолжување на македонската евроатланска агенда, јавува дописникот на МИА од Берлин.
Попоски по средбата изјави дека претходните позитивни извештаи и препораки кои земјата ги доби од ЕУ можат да бидат искористени само со квалитетен изборен процес.
– Најголем интерес во овој момент е посветен на квалитетот на изборниот процес. Тоа ќе биде главниот предуслов за да можеме да се надеваме дека понатаму ќе се капитализираат предходните препораки за отпочнување на процесот на преговори со Република Македонија и за отварање на една појасна европска перспектива. Мислам дека секој разумен човек во овој момент во Македонија треба да се посвети на што е можно попозитивна клима и што е можно поуспешно спроведување на изборниот процес на 11 декември, рече Попоски во изјава за МИА. Шефот на македонската дипломатија денеска со своите соговорници ја продолжил комуникацијата со меѓународните партнери на Македонија со цел поголемо присуство на странски набљудувачи на изборите кои што ќе треба да го потврдат коректниот изборен процес.
– Добри сигнали се што и на денешната средба со Штајнмаер, но и со ОДИХР имаме целосна поддршка за масовна и темелна мисија за набљудување на овој изборен процес. Ние, во меѓувреме, работиме на мобилизирање на што е можно повеќе фактори и во националните парламенти и во европските институции за тоа присуство да биде видливо и, конечно, да биде заверен фактот дека Македонија има капацитет за успешно спроведени избори, изјави Попоски во Берлин каде што денеска учествува на конференцијата на ОБСЕ организирана од германското Министерство за надворешни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.