Сѐ тече, ништо не се менува. Овие неколку зборови детално го опишуваат нелогичното, константно дејствување на македонската опозиција. Поточно, на СДСМ. За жал, ги опишува и кога беа на власт. Посочената дружина од „Павел Шатев“, пак, никако да собере сили да промени нешто. Барем нешто. Никако. Гарант и лошата транзиција ја украле од некоја друга држава. По ефектот за народот, од Африка, по тој за нив, од Јужна Америка. Но тие си ја знаат и чуваат тајната за преписот. Едно те исто, пее Рамбо Амадеус, а СДСМ со радост применува. Па иако го испробале лекот и увиделе дека само им ја зголемува зависноста од власт, а народот го тера на блуење, тие упорно го користат и го пијат ли пијат (не мислиме на портпаролот на партијата). И така 25 години…
Матрицата на нелогичното повторување и вртење во волшебниот круг на СДСМ останува строго наложена од мрзливоста и од незнаењето да се направи нешто ново. За да се стигне до него, прво треба да ви „текне“ тоа нешто, да се осмисли, потоа да се организира и на крај да се спроведе. А тоа бара труд, не голем, ама некаков. Затоа, безидејните мрзеливи чеда со сина крв возљубени во БЦ и водени од Заев, го патентираа политичкиот камиказе метод „копи-пејст“. Независно колку и да е неупотреблив, штетен и контрапродуктивен, ако не треба да се вложи ништо и треба само да се ископира – тоа е тоа, се користи веднаш и без одложување. Па нека е и шарена „револуција“. Фактот што граѓаните во детали го паметат претходниот идентичен и неуспешен чин, не е важен и е само потврда за потценувачкиот однос кон нив. Така, сега народот не го прават само стока, златната рипка не влегува во таа категорија. Не можат ни да го сместат во трло, им треба аквариум. А истиот тој народ, пак, да ти имал голема мана и да ти немал меморија што трае три секунди.
ЕУ не го кара Заев, еврокомесарот игра на своја рака?! Глупости…
Овој пат, по 15 месеци пауза, жртва на нивната мрзлива машинерија повторно стана еврокомесарот Јоханес Хан. „Стара финта – нова будала“ вели една улична прикаска, а во овој случај второто е повторно опозицијата, дека прикаската, дефинитивно, е бајата, а актерите во неа исти и препознатливи. Лето Господово 2015, месец јули, се одвиваше копираното сиже, дури и противниците на Хан беа исти, ама „сосема“… Класичниот социјалдемократско-соросоиден принцип на девалвација на личноста се вклучи заедно со црвената светлина во седиштето на партијата. Или прво се вклучи во ФИООМ? Или, сепак, на еден скопски амбасадорски рид?! Нејсе, како и да е, станува збор за класичен одбранбен метод на СДСМ. Рецепт. Секогаш кога ќе почувствуваат и најмала опасност од некого, алармот ги буди нивните јуришници, една те иста глутница медиумско-експертски крвопијци, кои без проблем, и не да Боже совест, се пуштаат во беспоштеден (не и бесппатен) крвнички прогон на определената жртва. Макар бил и евроамбасадор. Почесто се политичари, професори, новинари, секој што не одговара на измислената кауза.
Хан, пак, има чест вторпат да биде жртва на глутницата. Втора статива. Првиот пат, пред 15 месеци, ги вознемири со напишаното на „Твитер“ по преговорите каде што го посочи виновникот за неуспехот. „Многу сум разочаран од недостигот од одговорност и од лидерство од страна на некои“, напиша тогаш еврокомесарот, а Вајгл го дообјасни. Сите сфатија дека проблемот, впрочем, како и секогаш, се вика Зоран Заев, а тоа страшно ги погоди професионалните новинари. Повредените суети, а поверојатно и џебови на „професионалците“ тогаш ги натераа да му извадат на Хан петпарачка и смешна афера за негова вмешаност во бизнис со ВМРО-ДПМНЕ и со казината „Новоматик“. Замислете, пред многу години Хан да ти бил член на управниот одбор на оваа фирма. Толку „комуњарски“ и под пазуви, но во тој момент средствата на недоветните професионалци ги оправдуваше токму целта на перењето на изворот на финансиски средства, чадор толку многу поврзан со лидерот кому му обезбеди и „бомби“, помошници како Верушевски и што ли уште не. Арно ама, тогаш бедотијата од афера на Попетревски, силно поддржана и продолжена од Блажевска, наиде само на потсмев. Залудни беа напорите на Соросовите чеда за мултиплицирано лиферување на нивните мисли и текстови. Ставовите на „неименуваните“ дипломати завршија во ветерот. Не во етерот. На буниште, затоа што беа премногу мизерно покрепени за да ги преземат дури и нивните истомисленици. Ниетот беше едноставен и проѕирен – сакаа да претстават дека еден еврокомесар на своја рака има симпатии кон една страна и дека си прави што сака. Тогаш, тоа не беше ставот на ЕУ. Не, Брисел беше апстрахиран, немаше поим што прави нивниот еврокомесар во Македонија и неговиот потег не беше наложен од врхушката на ЕУ за дисциплинирање на Заев. Не. Ама ајде…
Дежави: Ги здоболи Катица и Хан пак стана апаш
Тогаш, прикаската за Хан исчезна како и што дојде. Ја снема за миг, а ниту еден „професионалец“ веќе не ги ни спомна патетичните инсинуации. Чуму? Па Хан се „врати“ на вистинскиот пат. Да, во меѓувреме, ЕУ, најверојатно, силно поведена од својот партнер и чадор, го сврти листот и продолжи со притисок врз владејачките партии. И така наеднаш, Хан повторно стана светлината на крајот на тунелот, нежната рака на ЕУ, која нѐ води кон рајот, едноставно – светец.
Ореолот над неговата еврокомесарска глава, сепак, имаше кус рок на траење. Овој пат, се покажа дека професионалците му одредиле 15-месечна употреба. Ни помалку, ни повеќе. Светоста на кажаното и на стореното од Хан можеше да помине само до моментот кога Австриецот повторно удри по социјалдемократите. Овој пат беше и побезболно, со заштита и лубрикант. Веројатно поучен од минатото, Хан сега не искара директно никого, барем не од врхушката. Да, сега не кажа конкретен лош збор за Заев. Ниту за Рада. Најмалку за Шилегов. Сѐ се однесуваше за сите заедно, воопштено. Но гревот на Хан сега беше уште поголем, пострашен, небаре масакр во очите на социјалдемократите. Верувале или не, но еден еврокомесар се осмели да ја навреди нивната спасителка (барем се надеваат дека е), жената во која се крстат сите, дури и шарените атеисти. Тој истиот Хан, кој пред 15 месеци беше до гуша во вмровски сребреници од казината на „Новоматик“, сега си дозволува да ги избербати Каламити Јанева и нејзините недоветни чеда и да ја насочи да работи професионално и непристрасно!? И додека сите очекуваа тој да им „даде крилја“ со специјален суд и да го зголеми „рокот на траење“ на СЈО за два-три века, Хан ги разочара и ги искара објективните и непристрасни Катица, Ленче и Фатиме? Неверојатно, премногу си дозволи Хан со зборовите: „Значајно е да се гарантира дека СЈО може да работи независно, непристрасно, но, од друга страна, и да биде професионално. Сметам дека е значајно тоа да ги искористи сите можности што ги има и да се види крајниот резултат, но, исто така, да не се интервенира во тоа што го работи и да не се злоупотребува“, рече Хан, а опозициските професионални мегафони пет дена дообјаснуваа дека еврокомесарот повторно забегал, та дека бил двосмислен, та дека пак фатил страна на Груевски, та дека ЕУ не сака демократија во Македонија, туку САД се труделе за тоа?!
Последното, кажано од еден „независен“ претседателски кандидат, кој милува народот да го нарекува „стока“, а сега е во убедувачка мисија кај „шарените“ и ги лаже со пратенички места за „да победеле“,го дообјасни со зборовите: „Еврокомесарот Хан по сопствена вина се дефакторизираше и ги загуби кредибилноста и влијанието врз македонската политика“. И точка. Така Хан повторно стана крадец и среброљубец, австриски бизнисмен што ги продаде македонската слобода и правда. Веќе не е фактор, никаков. Патетика, неизмерна и грда, настрана неинвентивна. Социјалдемократско дежави, инфантилен одбранбен механизам или уште еден одраз на востановениот Павлов рефлекс? Па истите добро нафатирани чеда без размислување се „прашаа“ каде чул тој за непрофесионалноста на Катица, во белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ ли, каде дознал дека СЈО се злоупотребува? Каде? „Па на улица бре идиоти, и врапчињата го знаат тоа“ напиша еден искрен пријател на социјалните мрежи. И го „бомбардираа“, веќе нормално и очекувано, истите социопати вмрежени во сказните смислени на „Павел Шатев“. И констатираа: „Значи, Хан пак одработува за власта?“ Да, одработува. Аман момци, барем смислете нешто ново, доволно ве плаќаат. Платете да смислат де…
Проблемот да ти бил во изборите?
Болката од недавањето амин за специјално одделение во судот, силна желба на СДСМ востановена од 1945 година, одекна силно и траурно. Уште подраматично го прифатија карањето на Катица и пофалбата на медиумите и на ДИК, но длабоко во душата најгрдо ги жегна еден момент. Хан не спомена никаква шанса за одложување на изборите. Во време кога врхушката на СДСМ се јуначеше и „перчеше“ по градовите со пораката „носиме промена на 11 декември“, а длабока во душата преку фацијалната експресија покажуваше „аман, ајде третпат да ги одложиме!“, повратникот кон среброљубието Хан не отвори можност за одложување. Никаква. Настрана тоа, туку им порача на сите да внимаваат и по изборите. Во превод – „немој да ви текне пак да не ги признавате!“ А тоа боли. По тежок пораз, уште и врзани раце за непризнавање и за активирање „шарени“ или какви да е постизборни „револуции“. И така Хан доби нов црн печат во пасошот од СДСМ и стана персона нон грата. Австриецот, кој повторно, замислете, без никакви консултации од ЕУ дојде и ја избербати опозицијата и спасителката Јанева. Срамота.
Абе ајде, кој веќе ги купува овие „евтини прикаски“. Заев, пак, стана Тарантино, или барем посака. Поверојатно Милчин. Но место тој филм, на 11 декември „касапските кучиња“ ќе треба да го извртуваат поразот на „неславните копилиња“, со надеж дека во меѓувреме или „од самрак до зори“, опозициските професионални стриптизети нема од мака да се разоткријат и издадат дека се крвопијци, кои во нашиот случај, паралелно со цицањето на црвената течност мораат и да извртуваат за да егзистираат. Поверојатно тоа, сепак, ќе се случи, но овој пат глоговиот колец ќе има форма на избори. Да. Ќе ги уништат гласови, ама не од подземјето, туку на ливчиња и во кутии…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 216. број на неделникот „Република“, 21.10.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.