Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во синоќешното гостување во отвореното студио на ТВ Нова истакна дека Специјалното јавно обвинителство е класична партиска организација на СДСМ, од аспект на пристрасност, непрофесионалност, вработување на кадри поврзани со СДСМ и спроведување на постапките како што налага СДСМ.
– Два дена по прес-конференцијата на Петре Шилегов опозициските портали објавуваа дека има објект што се испитува. Понатаму очекуваме дека СЈО ќе започне предистражна постапка и тоа случајно се случува непосредно пред 23 Октомври, Денот на ВМРО. Ништо од ова не е случајно. Ова е класично користење на СЈО во ПР, односно негативна кампања кон политичкиот противник. Тоа е програмата на СДСМ, рече Димовски.
Зборувајќи за СЈО и за влегувањето на ова обвинителство во Министерството за култура, Димовски истакна дека Министерството веднаш излегло во пресрет.
-Пред неколку дена обвинители од СЈО биле во Министерството за култура и побарале документи, сè им било овозможено. Запишале сè што им треба, без претходна одлука од судот. Денешната наредба од судот е добиена врз основа на лажен исказ. СЈО до судот се пожалило дека не им бил дозволен пристап во Министерството, а истиот им било овозможен пред само неколку дена. Станува збор за давање на лажен исказ, обвини Димовски.
Тој посочи дека и најголемите поддржувачи на СДСМ се свесни дека СЈО одработува за СДСМ.
-Смислата на постоење на таа институција беше недовербата кон Јавното обвинителство што се појави кај некои. Сепак, СЈО отвораат случај за градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, а не и за градоначалникот на Струмица, односно лидерот на опозицијата Зоран Заев. Постапките што се водени во Битола се водени и во Струмица, разликата е во тоа што во Битола е платена 3 пати помала сума од онаа во Струмица. Замислете Јавното обвинителство да го прави кон СДСМ истото што СЈО го прави кон ВМРО-ДПМНЕ, истакна Димовски.
Тој направи компарација дека постапките што ги води СЈО даваат чувство дека се наоѓаме во експериментална лабораторија и некој набљудува како се снаоѓаме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.