| четврток, 6 декември 2018 |

Асгардија: Научниците ја основаа првата вселенска држава

Новата вселенска нација Асгардија се надева дека ке го спаси човештвото. Тим од научници и правни експерти претставија предлози за „првата национална држава во вселената“ и велат дека овој потег ќе поттикне мир, ќе отвори пристап до вселенските технологии и ќе ги заштити граѓаните на планетата Земја.

Наречена „Асгардија“, по еден од митските светови населен со нордиските богови, тимот вели дека „новата нација“ еден ден ќе стане членка на Обединетите нации, со свое сопствено знаме и химна осмислена од членови на јавноста преку серија натпревари.

Асгардија „ќе понуди независна платформа без ограничувањата на законите на копнените земји. Таа ќе стане место во орбитата што навистина е ‘ничија земја’“.

Првично, оваа нова нација ќе се состои од еден сателит, кој треба да биде лансиран наредната година, а нејзините државјани сепак ќе живеат на мајката Земја.

„Физички граѓаните на таа нација-држава ќе бидат на Земјата; тие ќе живеат во различни држави на Земјата, така што ќе бидат и државјани на својата сопствена држава, а во исто време и државјани на Асгардија“, вели лидерот на проектот Игор Ашурбејли за Гардијан.

„Кога бројот на апликациите ќе надмине 100.000, ние и официјално ќе можеме да аплицираме во ОН за статус на држава“, додава тој.

Секој човек што живее на Земјата може да стане државјанин на Асгардија, а формуларот за прием, веќе го потполниле над 7.000 лица.

„Верувам дека веднаш штом оваа земја ќе стане дел од семејството на ОН, нејзиното државјанство ќе биде навистина доста престижно“, Ашурбејли вели.

Иако предлозите во проектот остануваат нејасни, визијата за Асгардија е благородна. Тимот вели дека еден од нивните првични планови е да се создаде „ремек-дело-штит за целото човештво од вселенските, и вештачки и природни закани врз животот на земјата. „Такви закани“, велат тие, „се опасноста од вселенско ѓубре, па дури и од астероиди. Но во моментов, деталите за тоа каква форма би имал штитот остануваат нејасни.“

И иако во рамките на проектот во моментов не се планира да се формира асгардијанска населба во вселената, Ашурбејли верува дека животот надвор од Земјата ќе биде од витално значење за иднината на човештвото. „Ги поставуваме темелите да го овозможиме тоа во блиска иднина“, вели тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top