Компаниите што ќе го воведат стандардот „Халал“ за квалитет на храната ќе добијат субвенции од Владата, а пред нивните производи ќе се отвори пазар со вредност од околу 700 милијарди долари, беше порачано на денешната конференција за печат во Стопанската комора на Македонија.
Само седум компании од Македонија до денес го вовеле стандардот за квалитет на храната „Халал“, кој е гаранција дека прехранбениот производ означен со „Халал“ е изработен во согласност со исламското верско учење.
Годинава, како што беше речено на средбата со новинарите, Владата воведе субвенции за малите и за средните компании што ќе го воведат стандардот „Халал“, за таа намена се обезбедени и кредити преку Прокредит банка, а Комората нуди услуги за воведување на стандардот.
Со воведувањето на стандардот „Халал“, за производите се отвора пазар со промет, чијашто вредност се проценува на повеќе од 700 милијарди долари, оценува Емилија Тодоровска, стручен соработник за стандардот „Халал“ во Стопанска комора на Македонија.
Како што истакна, производите изработени во согласност со овој систем се прифатливи и за припадниците на други религии, што прави воведувањето на стандардот да отвори можност за подобра продажба на производите во Турција и во арапските земји.
Воведуањето на стандардот „Халал“ е поддржано од Исламската верска заедница на Македонија..
Применувањето на стандардот за компаниите е трошок од околу 40.000 денари, но производите што го имаат сертификатот за „Халал“ добиваат поголема вредност на пазарот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.