Потекло: стружанец
Вера: криминалец
Професија: државен непријател, а прв пријател во нужда де на Црвенковски де на Заев
За Зоран Верушевски многу малку се знае, иако за што и да се фател, добро сме чувствувале сите по ред. Во кусите забелешки за неговиот претпрофесионален живот пишува дека потекнува од Струга и дека докторирал на Факултетот за безбедност во Скопје. Веројатно овој докторат му ја отвора професионалната врата – а таа води директно кон подземјето. Иронично, но неговиот професионален ангажман се врзува за уривање на безбедносниот систем на Македонија, создавање кризи, неразјаснети убиства, сеење страв, влевање страв во коските дури и на оние чија сенка е.
Тврдат дека не го познаваат, дури и оние кои многу добро го познаваат. Лани во интервју Црвенковски тврдеше дека од зорт го познавал, демек морал службено да соработува со него, но знаеше дека е голем експерт.
-Јас го знам него, сум соработувал по службена линија, мислам дека се работи за добар професионалец, за голем експерт, стрчњак, кој што никогаш не бил инволвиран во партиски или политички води – рече Црвенковски во „Топ тема“ на 4 мај 2015 година.
Со истото тврдење, како првиот така вториот, се чаталеше и Заев. И тој покусо да не остане од папата, не го познавал „господинот Верушевски“.
Но, за помалку од еден месец се поправи дека се знаат од видување, па од седење на иста маса, па се присети и дека можеби некогаш кафе пиеле, за на крајот да излезе дека многу добро се познаваат, заемно се почитуваат и рака си подаваат. Валкана, секако. Заев толку многу не го познаваше Верушевски што призна дека му средувал за виза, па и дека компјутер му купил, а ќе му купел и кола за да избега, неважно дали од сопстениот или од џебот на партијата. Така им помага Заев на оние што ќе се одважат за доброто на Македонија. А досега, само двајца се одважија за мајка Македонија – насилникот Верушевски и радикалот Зекири.
Зоран Верушевски, зачетник на криминалната лоза Верушевски, е „Големото уво“ на Црвенковски и „Вистината за Македонија“ на Заев. Тој е криминалецот кому слобода му обезбеди патриотскиот потпис на Катица Јанева: „Слобода за Веруш, „Пуч“ за Македонија“.
Овој подземен моќник, рекетар во милост на сличниот Заев, беше знаменосецот на срамната единаесеттооктомвриска парада на СДСМ. Рамо до рамо со Зоран Заев, загрнати со паролата „Заедно сме посилни“, ѝ се поклонија на Големата мајка под новите прозорци на новите простории на СЈО, онаму каде што го чува благото на двајцата Зорани, па маршираа по „Партизански одреди“ до Собранието на Македонија. Помилуваниот фатен за до аболираниот, со којзнае колкав број интимни разговори на граѓаните на Македонија во ракавите, им ветија на заслепените посветла иднина, па со одважениот Зекири заминаа на „Филип Втори“ да навиваат за Македонија. Лицемерие до очај, неразделни до ќелија.
Зоран Верушевски е првоосомничен во случајот „Пуч“ во којшто се товари за шпионажа и за насилство спрема високи државни функционери, а Зоран Заев е четвртоосомничен во истиот случај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.