Протестот што точно два месеца пред изборите требаше да има улога на ветер во едра за партијата, заврши патетично. Траеше бедни два и пол часа, од кои половина време одеа од СЈО до парламентот, кој, сосема случајно, и тие и Катица не го признаваат. Бројот, пак, беше примерен за коалицискиот партнер од „десницата“, ДС на Павле Трајанов или за „центристичкиот“ ДОМ на Лиле Поповска, но за СДСМ неколку илјади на протест се повеќе од дебакл. Настрана вработените во Соросовите филијали, во празник, без дожд и со автобуси од цела Македонија. Што стана со скопјаните? Ај што не собра народ, но и тие што ги „довлече“ заработија и „златна малинка“ за глума. Требаше да глумат граѓани, а и од дронот на ТВ „Нова“ од се гледаше дека се заколнати „комуњари“. Едноставно и логично, но на самозамислените чеда со сина крв не им лежи да бидат обични граѓани. Ич. Под чест им е. Ете, затоа беа малку, дека се избрани да владеат, а за тоа малкумина се родени. Па во извртената форма на неповторливиот Гане Тодоровски, сигурно си се тешеле: „Колку сме, толку сме, ама комунисти со сина крв доста сме!“ Врхушката и нивните јуришници, сопартијците ги нарекуваат „граѓани“ од сосема други, исто така, елитистички побуди. За нив, само нивните социјалдемократи се „граѓани“, другите се селани, стока, немиени… Не залудно лидерот Заев изјави: „Маршираме за враќање на државата во рацете на граѓаните!“
Бедната содржина ја засени уште победниот број
Во меѓувреме најдоа куп причини за фијаското. Стари, изветвени прикаски дека власта ги притискала административците да не одат, де проблем било лошото време, иако поверојатно имало добра турска серија во терминот. Баталете го бројот, за содржината и за пораките што произлегоа од „маршот“ и тие неколку илјади партијци беа многу. Тоа беше и главниот проблем на протестот, предводен од пучистите Заев и Верушевски. Одгласот од пораките го немаше, поради тоа што говорниците и не се помачиле многу. Или немаа што да кажат? Поверојатно, толку ги бидува. Едно те исто, како нумерата на Рамбо Амадеус, не смениле ниту запирка во говорите од пензионираната Шарена „револуција“. Можеби, пак, играат на картата дека поворувањето е мајка на знаењето, како прикаската со режимот, затворот, одговорноста. Можеби repetitio est mater studiorum пали кај нивното членство, но за другите, на чиишто гласови типуваат, празните зборови отидоа во ветер, па уште истата вечер никој не можеше да се сети на каква и да е поента од говорите. Да, oосвен дека ќе победеле, нешто што и така сите го сметаат за добар виц, настрана стар цели 10 години…
Насмеаните пучисти во офанзива
И пак се виде дека Заев не може да биде Бранко. Неговиот ментор и гуру, без проблем, на последниот ваков собир собра трипати повеќе партијци. Но, Заев, сепак, успеа да го засени. Со еден, единствен потег. Стори нешто што ни БЦ не би можел. Така насмеан од уво до уво, Заев без срам и перде застана рамо до рамо со соработникот и имењак Верушевски и така Зораните го изодеа маршот. Лидер на партија и „вечниот“ прислушувач Верушевски. Да, ова беше маршот на пучистите. Првообвинетиот и четвртообвинетиот во мегааферата „Пуч“ се најдоа еден до друг и маршираа против противникот, кого токму ова време пред три години безуспешно го уценуваа за власт со објавување незаконски здобиени прислушувани материјали. Првообвинетиот ги „набави“, четвртообвинетиот ги злоупотреби, но, за нивна жал, „бомбите“ се покажаа како петарди.
Арно ама, денешната насмевка на лицата не беше поради увереноста дека ќе победат на избори. Најсреќни беа пред СЈО, изразувајќи ја длабоката благодарност кон чадорот и Катица Јанева затоа што ги зеде под свое и ги спаси. Па ете така слободни, благодарение на неа, можеа и да се поклонат пред нејзиното светилиште. Таа и не знае зошто е Заев обвинет во „Пуч“, за Верушевски и да не правиме муабет, но тоа не е проблем – како што направи на МТВ, ќе си прочита. Е, можеби, Јанева сосема погрешно ја разбрала поговорката „Глупавиот памети, паметниот запишува“, но нејзиното име тежнее да остане запишано со златни букви во ходникот на СДСМ. За Заев и за Верушевски таа одамна е светица. Изненади само еден момент, Верушевски не се качи на сцена и не одржа говор?! Веројатно, така рекол „чадорот“…
Љулета го „зезна” Заев, или беше Агим?
„Граѓаните покажаа, гласот победува! За правичен живот на Љулета, на Сања, на Ирена во Македонија. За достоинствен живот на Васко во Македонија”.
Со овие зборови почна обраќањето на Заев. И сосема случајно, поведен од стравот од пораз на избори, Зоран повторно се трансформираше во Агим. Проблемот е што Агим и Зоран значат почеток на денот, а лидерот е на крај на кариерата, но изборот на имињата во неговиот театрален говор кажа сѐ. Прво и основно, иако патетично лошо и демек поетски склопено (најверојатно од Васиљ) Заев ѝ се обрати на Љулета, а продолжи со Сања, Ирена, Васко… Додворување видливо од авион, исто како и националистичкиот декор со албанските знамиња, кои станаа синоним за протестите на СДСМ, каде и да се. Истовремено, изјавите на партијците покажаа дека Заев сериозно работел на перење мозоци. Огромен дел од прашаните се согласуваат со лидеровата најава за двојазичност на голема врата во Македонија. Штета што единствена голема пречка за ова се изборите и што мораат да победат за да се обидат да го остварат науменото. Можеби ќе ги освести одѕивот на партијците од Кичево и од Струга? Поради орото со Албанците и лицемерниот пазар и играњето со националните интереси, дента СДСМ не успеа да наполни ни по еден автобус од овие градови, кои сѐ уште ги лекуваат лузните од територијалната поделба на Бучковски. Шлаканица дојде и од другите градови, особено од Велес, каде што останаа многу празни автобуси. Да, поради флертот со Љулета, не дојдоа Сања, Ирена и Васко. А Љулета и натаму политички ќе си ги милува Али или Мендух…
Две фијаска во низа за отрезнување
Уште пред трогателната прес-конференција на Заев и „граѓанските“ активисти, кои и натаму ја навредуваат интелигенцијата на народот, лидерот, на „Телма“, си најави дека нема да се откажат од протести. Речено-сторено. Само еден ден по феноменалното интервју, тој го спроведе кажаното и најави ни помалку ни повеќе, туку марш за слобода. Арно ама, ни по една недела најави никој не го разбра сериозно, а малкумина дојдоа да го видат како со Верушевски маршира за слобода. Фракциите во партијата, очигледно, му го свртеа грбот. Бадијала Црвенковски се појави на Конгресот, иако ниетот му беше да ја спаси партијата, а не спасителот. Дури и Ивор Мицковски прокоментира дека тесна олигархија ги води граѓаните во пропаст и додаде: „Честит 11 Октомври Македонијо, и понатаму маршираш кон сопствената пропаст“.
Не им се погоди ни денот. Прво, пратениците во ПССЕ со убедлива разлика го изгласаа Јован Илиевски за судија во Стразбур, контра опозициски возљубената Наташа Габер-Дамјановска, за што Најчевска ги обвини „режимски“ настроените Европејци, за веднаш потоа младата фудбалска селекција со историски успех да се пласира на Европското првенство во Полска. А на СДСМ ѝ пречат убави вести што носат радост за нацијата, особено кога тие се во жалост, вторпат по ред. Во рок од две недели, две фијаска го потресоа СДСМ. Првиот протест на шарените за поддршка на СЈО беше чиста утка, со бројки многу помали и од маршот за слобода на пучистите. И тогаш автобусите стапија на сцена, но не помогнаа во реинкарнацијата и во констатацијата на клиничка смрт на Шарената „револуција“. И со стотината автобуси за маршот, СДСМ не излезе од калта. Ги обвинуваат ли вработените од ПОЦ на Жерновски дека не лепеле доволно плакати за реклама и ќе одат ли на „трета мајка“ или им дојде умот? Поверојатно, ќе одат…
МАРШ! Ама за СДСМ…
Како и секогаш, иако не сакајќи, од СДСМ ја погодија поентата. Да, тие организираа марш. И го добија. Добија јасно „марш!“ од граѓаните со кои насила се китат. Посетеноста и бедната атмосфера покажаа што мислат вистинските граѓани за политиката на партијата, а не тие партијци лошо маскирани во нив. Јасно и недвосмислено, граѓаните им го кажаа својот став за двојазичноста, федерализацијата, реваншизмот што се најавува, неколкугодишната наметната криза и ред други глупости со кои СДСМ го обремени секојдневието на Македонецот. Го погодија и мотото „Борбата продолжува, гласот победува“. Сосема точно и добро промислено. Нивната борба за враќање на власт продолжува, тоа е сигурно, и тие нема да се откажат од тоа ни по поразот на 11 декември. Другиот дел од мотото е уште поточен. Сосема прецизно си кажаа. Да, гласот и дефинитивно ќе победи, тој секогаш победува, но и овој пат не за нив, а врхушката многу добро го знае овој факт. Болна, тажна вистина…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 215. број на неделникот „Република“, 14.10.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Полска гори: Околу 200.000 маршираат, патриотите го запалија знамето на ЕУ! (видео)
-
Во Приштина марш за обединување на Прешевската Долина со Косово
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји