Сите сме слушнале за Чернобил, но речиси никој не знае за нуклеарната кастастрофа од 1957 година, која Советскиот Сојуз успеал да ја прикрие.
Трката во нуклеарно вооружување меѓу двете суперсили во текот на Студената војна го доведе светот до бездна, а само некои од нуклеарните катастрофи или она што можело да се претвори во катастрофа се познати и документирани. За жал, поголем е бројот на тие што навреме биле затаени и за нив до ден-денес не се знае сѐ.
Една таква е една од најголемите која се случила пред Чернобил и која била речиси исто силна. Инцидентот кој го погодил Советскиот Сојуз на 29 септември 1957 година до денес останува трета најголема катастрофа во историјата со степен на опасност 6 (Чернобил и Фукушима имале највисок степен на опасност 7 на меѓународната скала на нуклерна опасност).
Несреќата се случила во Сибир, во градот Киштим, барем така Русите го известија светот. Но, подоцна се покажало дека информациите не се баш точни.
Вистината е дека инцидентот се случил во градот Мајак (познат како Озјорск) и дека Советите се обиделе да ги сокријат деталите, вклучувајќи го и името на градот.
Озјорск е една од тајните населби кои ги нема на официјалните карти, а во местото никој не смее да влезе и да излезе без дозвола.
Без контрола
По Втората светска војна СССР каскал зад САД во развојот на нуклеарниот арсенал, па забрзано се работело на истражувања и на развојни проекти за да се произведе доволно количество ураниум и плутониум.
Нуклеарната постројка во Озјорск е изградена набрзина за три години, од 1945 до 1948 година, а дупките во знаењето на советските физичари оневозможиле исправна процена на безбедносните ризици. Еколошките проблеми особено не се земени предвид во тие фази на развој на нуклеарната програма.
Сите шест реактори се изградени на езерото Кизилташ и користен е отворен систем на ладење, кој ја испушта загадената вода назад во езерото.
Во почетокот високорадиоактивниот отпад се складирал во блиската река, која го водела до реката Об, а преку неа сѐ до Северниот Леден Океан. Подоцна езерото Карачај е претворено во отворено складиште на нуклеарен отпад.
Складиштето за течен нуклеарен отпад е направено околу 1953 година, а се состоело од четири тенкови монтирани на бетонска подлога на околу 8 метри длабочина во земјата.
Поради високото ниво на радиоактивност, отпадот сам се греел од топлината што се ослободува со распаѓањето иако верижна реакција била невозможна. Од таа причина бил изграден ладилник со 20 резервоари, а уредите за следење на неговата работа и содржината на резервоарот биле неадекватни.
Системот за ладење во еден од тие резервоари, кој содржел 70-80 тони течен радиоактивен отпад, откажал во 1956 година, а неговата поправка никако не доаѓала на ред. Во него почнала да расте температурата, а тоа предизвикало испарување и хемиска експлозија на исушениот отпад, кој главно се состоел од амониумнитрат и ацетат.
Експлозијата што се случила на 29 септември 1957 година, според прцените на стручњаците, имала сила од 70 до 100 тони ТНТ – што е доволно да се отфрли во воздух без проблем бетонски поклопец од 160 тони.
Иако немало жртви на местото на настанот, измерени биле околу 80 PBQ, a радиоактивноста се концентрирала околу реката Теха. Во следните 10-11 часа радиоактивниот облак се оддалечил 350 км од местото на експлозијата контаминирајќи го долготрајно целиот регион.
Никој ништо не знае
Ослободената радијација била смртоносна, а поради тајноста со која е завиен градот, жителите првобитно не биле информирано за несреќата. Една недела подоцна започнала евакуација на 10 илјади луѓе од зафатеното подрачје, сѐ уште без да бидат известени зошто заминуваат.
Иако нејасните извештаи укажувале на катастрофална несреќа во СССР, која ги зафатила и соседните држави, странските медиуми почнале за тоа да објавуваат дури во април следната година, а дури 20 години подоцна соопштени се вистинските размери на катастрофата.
Конечниот број на смртни случаи сѐ уште не се знае, со оглед на тоа дека ракот предизвикан од зрачење тешко се разликува од „обичниот рак“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.