
Ненад Мирчевски
По двегодишна тајна врска, Заев и Верушевски јавно го промовираа сојузот за распад на Македонија парадирајќи рака под рака по скопските улици. Пучистите, кои подготвуваа граѓанска војна, место зад решетки, денес слободно се шетаат низ центарот на Скопје како на корзо уживајќи во дебелата сенка на чадорите. И не само што се на слобода, туку продолжуваат да си поигруваат со чувствата на македонските граѓани претставувајќи се како „народни херои“. Но, место „ослободители“ зад кои чекори војска од народ, граѓаните во нив препознаа лажни патриоти и предавници во друштво на шпиони, криминалци, исламски радикали, Соросови платеници и на политички мртовци. Сепак, во масата имаше и мал дел партиски војници со испран мозок, кои беа соодветно одделени од „елитата“ со тампон-зона. Колку да се знае каде им е местото!
Толку од долго најавуваниот „историски граѓански марш“ и од сонот за успешна реализација на сценариото за насилно уривање на власта! Настанот што требаше да означи почеток на походот за враќање на власт на СДСМ, доживеа класично фијаско.
Шлаканицата од сопственото членство е само подготовка за тоа што ги очекува Заев и неговите сојузници на 11 декември. Но, ова е огромен доказ дека дури и членовите на СДСМ не го одобруваат намерното уривање на целиот државен апарат, поткопувањето на економијата, загрозувањето на безбедноста, додворувањето на албанските гласачи со ветувањата за двојазичност и шурувањето со платеници, шпиони и со кодоши за поттикнување крвопролевање меѓу сопствениот народ. Партиското членство, буквално, го „измаршира“ својот лидер и му испрати силна порака дека не прифаќа да биде дел од срамното сценарио за уништување на државата.
Така, место да прикаже сила, Заев покажа колку многу е погрешна стратегијата на опозицијата и потврди дека во моментот СДСМ ја управува убедливо најслабото, најнепопуларно и најомразено раководство. Ужасно лошата позиција не му ја подобрија ниту српските сеачи на магла, ниту платените револуционери, ниту исламските радикали. А, ниту новите коалициски партнери Павле Трајанов и Лиле Поповска. Сменетото партиско лого со боите на „шарената револуција“ сведочи за само уште една голема грешка на одговорните за односи со јавноста на социјалдемократите, што ги потврдува сомневањата дека и партијата, како и целата држава стана заложник на туѓи интереси, кои во никој случај не се совпаѓаат ниту со партиските, ниту со државните.
Експресното менување на двојазичната табла во Чаир на денот на маршот, пак, ја истакнува лажната љубовна приказна меѓу лидерот на опозицијата и албанските гласачи.
Сè на сè, евтиниот обид за глумење општа граѓанска мобилизација заврши многу полошо дури и од „Отпорот“ на Бранко Црвенковски, кој со сиот свој багаж во 2011 година успеа да собере барем двојно повеќе луѓе. Бранковистите веднаш го нападнаа Заев за лоша имитација на „Отпорот“, кој тој, во тоа време, не го прифаќаше само поради лични интереси – за да не ја загуби градоначалничката фотелја во Струмица.
Кога сме кај екслидерот Бранко Црвенковски – го виде некој на марш!? Опозициските медиумски мегафони го славеа неговото појавување на партискиот конгрес и го толкуваа како поддршка за актуелниот лидер. Aко е тоа така, тогаш зошто Црвенковски не маршираше рака под рака со Заев и со Верушевски? И, која беше вистинската причина за појавувањето на конгресот? Очигледно, ни тој не е толку наивен за да се нафати да освојува власт со сценарио за целосен распад на државата и да влезе во судир со македонскиот народ. Но, веројатно не е луд и да ја остави партијата на милост и на немилост на Заев.
Сепак, со или без Црвенковски, казната за Заев и за неговите сојузници ќе биде немилосрдна на претстојните избори. Залудни се обидите да се одложат изборите, или да се продолжи кризата и по 11 декември затоа што дури тогаш ниту Груевски, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да може да го сопре народот.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


