| четврток, 6 декември 2018 |

Кризната состојба поради емигрантите продолжена до 30 јуни 2017 година

Собранието денеска го продолжи рокот за постоење кризна состојба поради зголемен обем на влез и транзитирање на емигранти низ територијата на Република Македонија до 30 јуни 2017 година, имајќи го предвид распуштањето во пресрет на изборите што треба да се одржат на 11 декември.

Против оваа одлука се изјасни пратеничката група на ДУИ, која, според координаторот на пратеничката група Талат Џафери, проценила дека иако најверојатно до 10 јануари нема да имаме парламентарен состав, но Владата има можност да ја смени одлуката и да го продолжи кризниот период доколку има потреба за тоа. По договорот меѓу Турција и ЕУ, според Џафери, во Грција веќе нема бегалски кампови, а досега на територијата на Македонија останале околу 1.300 мигранти, од кои 126 се останати во Гевгелија, а 60 во Табановце.

Пратеничката Солза Грчева смета дека одлуката треба да биде донесена имајќи ги предвид извештаите што доаѓаат однадвор во однос на емигрантите, а според неа сѐ уште постои опасност Турција да ги пушти емигрантите кон Европската унија.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека сѐ повеќе се проблематизира прашањето на мигрантите и оти не се знае колку ќе опстане договорот меѓу Турција и ЕУ.

Влегуваме во изборен процес, и не знаеме колку долго ќе бидеме без Собранието. На овој начин ја обезбедуваме стабилноста на државата и безбедноста на јужната граница. Мораме да потенцираме дека ризиците што постојат се многу поголеми од она со што полицијата ќе може да се справи и ова ќе значи и вклучување на армијата, рече Димовски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top