Билансот на настрадани од ураганот Метју на островската држава Хаити достигна 437 лица, соопштија денеска властите. Луѓето сега се борат со недостаток од вода за пиење, храна, и очекуваат што поскоро санирање на своите домови.
Во импровизираните засолништа моментално се сместени 175.000 луѓе на кои ураганот им ги урна домовите. Од нив, околу 100.000 се деца, се наведува во соопштението. Според локални жители, цената на храната двојно е зголемена, живеалиштата бавно се санираат, а помошта што пристигнува е недоволна.
На властите сега им претстои и борба за запирање на ширењето на колера, што е сериозна закана поради оштетениот водовод. За таа цел, Светската здравствена организација испрати еден милион вакцини против оваа болест.
– Неделно, бележиме по 500 нови случаи на заразени со ова смртоносна инфекција, изјави Доминик Лергос, експерт на СЗО.
Денеска градот Порто Пренс доби станица за пречистување на вода, што ќе произведува до 250.000 литри вода за пиење на ден. Но, некои области се уште се непроодни и недостапни за испорака на хуманитарна помош. Обединетите нации апелираа сите луѓе да се вклучат во организацијата на прибирање средства и намирници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.