Наталја Алтхаузер е германска актерка, чиешто лице е на плакатот на годинашниот Фестивал на новиот германски филм, кој од 5 до 10 октомври ќе се одржи во Скопје, во киното „Милениум“ и во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ). Иако неодамна се пресели во Лондон, каде што ќе ги доврши магистерските студии по применета уметност, Алтхаузер е често во Македонија и за нашата земја вели дека е толку убава што ти недостига. Алтхаузер нема да ја видиме во ниту еден филм што ќе биде прикажан, но таа ни го препорачува „Луѓето против Фриц Бауер“. Фестивалот ќе се отвори со „Мед во главата“ на 5 октомври, а публиката може да ги види уште и „За една девојка“, „Во лето живее долу“, „Викторија“, „Куќата на крокодилите“, „Тура на животот“, „Лагите на победниците“, „Хедер меѓу два света“, а Фестивалот завршува на 9 октомври со „Во лавиринтот на молчењето“.
– Моја општа препорака е да се гледа колку што се може. Тоа е одличен начин да се запознае германската култура и начинот на размислување и да се надмине клишето за здодевните Германци. Здодевни сме, но можеме да бидеме и смешни. Понекогаш – вели Алтхаузер во интервју за „Република“.
Наталја, колку години сте актерка? Дали глумите во театар или, пак, имате повеќе филмски улоги?
АЛТХАУЗЕР: Моите корени, дефинитивно, лежат во театарот. Таму се образував и од таму доаѓам. Но, во последните години имав неколку флертови со филмската индустрија во кои уживав. Што се однесува до физичкиот напор, театарот бара многу повеќе. Мора да ја убедувате публиката секоја ноќ кога настапувате. Филмот е повеќе техничкa работа, вклучени се многу луѓе и може да бидат потребни денови за да се направи сцената така како што сакате и како што замислувате да биде. Тоа е поинаков процес на создавање и јас би сакала да продолжам да работам и во двата света.
Колку ја познавате Македонија? Често сте тука? Што Ви се допаѓа најмногу во Македонија? Кои се Вашите омилени места?
АЛТХАУЗЕР: Доаѓам често, но сѐ уште немам посебно омилено место. Секако, Охрид е прекрасен на лето, но има и многу други места што вреди да се видат. Ми се допаѓа тоа што Македонија е различна. Природата е, едноставно, прекрасна. Пред еден месец со мајка ми бевме со кајак на реката Матка и беше одлично. Ниедна од нас порано нема земено весло в раце, но на крај толку се забавувавме што поминавме часови таму.
Општо, животот тука е помалку строг отколку во Германија и луѓето се многу гостопримливи. Каде и да одиш некој ќе ти понуди пијалак или прекрасна, вкусна храна. Ми се чини дека тука луѓето знаат повеќе да уживаат во животот отколку во мојата земја.
Запознаени сте со филмската уметност во Македонија? Ако сте, дали имате некој омилен филм? Или, пак, актер?
АЛТХАУЗЕР: Секако дека го имам гледано „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој е одличен филм. Навистина ми се допаѓаат филмовите, но особено ми се допаѓа документарниот филм на Марија Џиџева „Гледај го животот преку моите очи“. Таа сака да придонесе со нешто ново во македонскиот филм и не останува на истата таа точка следните дваесет години. Верувам дека тука има многу приказни што вредат да се раскажат, но процесот е бавен. Се надевам дека луѓето ќе препознаат колку вредат филмовите, односно уметноста воопшто и дека ќе ја зачуваат својата сопствена историја и ќе го поддржат нејзиниот развој.
Годинава Вие сте заштитното лице на плакатот на Фестивалот на новиот германски филм, кој се одржува во Македонија. Дали ќе Ве видиме и во некој од филмовите што ќе бидат прикажани на Фестивалот?
АЛТХАУЗЕР: Не, во годинашната програма нема да ме видите во ниеден од филмовите, но, секако, ова нема да биде последен германски филмски фестивал во Македонија. Како и да е, јас ќе дојдам повторно во Македонија, толку е убава што ти недостига.
Кој филм од фестивалот би ни го препорачале да го гледаме?
АЛТХАУЗЕР: О, тоа е тешко прашање. Еден од моите омилени е „Луѓето против Фриц Бауер“. Повеќе е политички, отколку филм за забава и би требало да сте запознаени со германската политика и општество од тоа време. Според мене, Бургхарт Клауснер е извонреден актер. Присутен е веќе триесет години во германската филмска индустрија, а сепак сѐ уште успева да изненади со неговиот фин и пристоен начин на доловување на карактерот. Тој е „стара коска“ кога станува збор за неговите актерски вештини. Но, има и многу други одлични филмови, кои не можам да ги опишам во детали, но, дефинитивно, вредат да се гледаат. Моја општа препорака е да се гледа колку што се може. Тоа е одличен начин да се запознае германската култура и начинот на размислување и да се надмине клишето за здодевните Германци. Здодевни сме, но можеме да бидеме и смешни. Понекогаш.
Што работите во моментов? Можно ли е да се изроди некој македонско-германски филм во кој би биле вклучени на кој било начин?
АЛТХАУЗЕР: Тукушто се преселив во Лондон, каде што ќе ги довршам магистерските студии по применета уметност следното лето. Дотогаш ќе бидам многу зафатена, но јас ја сакам оваа работа, таа е супер. Засега нема планови за таква соработка, но не би ја исклучила можноста за во иднина. Никогаш не вели никогаш, нели?
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст