Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација Перо Антиќ повторно, две години по ред, стана европски шампион откако вечерва неговиот Олимпијакос од Пиреја во крајно возбудлив натпревар го совлада кралскиот Реал од Мадрид во финалето на евролигата што се одржа во Лондон.
Почетокот навестуваше сосема поинаков развој на настаните откако Реал во првата четвртина со фантастичен шут од позицијата за три поени поведе со 27:10 и навести дека тоа може да биде лесна победа за Шпанците.
Сепак, во втората четвртина дојде до пресврт и тимот од атинското предградие се врати во игра со одлична игра, пред сѐ, на бекот Спанулис кој со своите тројки и додавања комплетно ја разби одбраната на Реал. Од тогаш Олимпијакос постојано ја подобруваше својата игра, а Шпанците не успеваа да се вратат во игра.
Тренерите на двата тиме, Георгиос Барѕокас и Ласо Пабло, постојано вршеа замени со кои сакаа да го променат ритамот на игра на противникот, но крајот поуспешен во тоа беше младиот грчки статег чиј тим на почетокот на сезоната имаше само минимални шанси за да дојде до европскиот врв.
Грчкиот тим успеа и во третата и во четвртата четвртина да ја одржи предноста што во еден период изнесуваше дури 12 поени.
Антиќ одигра солидно и беше еден од најдобрите играчи во финалето со 10 постигнати поени.
Олимпијакос и минатата година беше шампион на Европа откако во финалето, тогаш во Истамбул, ја победи ЦСКА од Москва. Со победата против Реал, Олимпијакос дојде до својата трета титула во Евролигата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


