Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.
Ако постои една идеја што како светилник нè водела низ бурите на историјата, подвлекува во честитката Иванов, тоа е идејата за слобода на Македонија. Благодарение на таа идеја, вели, ние сме наоѓале сила да се помириме и да ги надминеме поделбите.
– Минаа 75 години од 11 Октомври 1941-та, од денот кога македонскиот народ се дигна на востание за ослободување на Македонија од нацистичкиот и фашистичкиот окупатор. Следуваа најтешките години исполнети со многу борби, жртви и искушенија. Иако соочени со многупати посилен и подобро вооружен непријател, борците во Народноослободителната борба не потклекнаа и заедно со слободољубивиот народ на Македонија храбро маршираа кон слободата. На 2 август 1944-та, на нашиот втор Илинден, тие се изборија за државотворниот АСНОМ. Нивното дело го продолжија основоположниците на независна Република Македонија. На 8 септември 1991-та, пред 25 години, го остваривме нашиот трет победоносен Илинден, стои во честитката упатена од претседателот Иванов.
Претседателот на Република Македонија честитјаќи им го празникот на граѓаните потсетува дека 11 Октомври беше возможен поради свежите сеќавања за илинденската епопеја. Но, без 11 Октомври 1941-та, истакнува, ние ќе го немавме ниту вториот ниту третиот Илинден. Благодарение на 11 Октомври, се изборивме и за слобода, и за државност и за независност.
– Нишката што ги поврзува сите наши Илиндени е идејата за слобода на Македонија која ги надминувала и порамнувала сите разлики. Оваа година на двоен јубилеј нè затекна меѓусебно поделени и раскарани. Премногу долго, длабоката политичка криза ја исцрпува енергијата на нашето општество и економија и им ја одзема перспективата на нашите млади. Неопходно е разрешување и надминување на кризата. 11 Октомври и 8 Септември треба да бидат потсетување дека само ако се помириме, ако си простиме и се сплотиме, ќе можеме да ја зачуваме слободата, сувереноста и независноста на нашата заедничка татковина – Република Македонија, вели Иванов во честитката по повод Денот на народното востание.
Како што се изборивме за слободата, државноста и независноста, порача тој, така денес треба да се бориме за чување на придобивките и градење просперитетна иднина за нашите потомци.
– Треба да им бидеме благодарни на сите кои учествуваа во остварувањето на стремежот за слобода, државност и независност. Нам ни останува да го чуваме сето тоа што го имаме, стои во честитката од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани