
Синоќа на стадионите низ Европа се одиграа девет натпревари од второто коло во квалификациите за Светското првенство. Покрај дуелот Македонија – Израел во кој нашите репрезентативци несреќно загубија на арената „Филип Втори“ со 1-2, најитересен беше дуелот во Торино меѓу домаќинот Италија и Шпанија, кој заврши со поделба на бодовите (1-1).
Сосема неочекувано, улогата на трагичар на „аѕурите“ ја имаше Џанлуиџи Буфон откако искусниот голман по неколку добри интервенции во првиот дел, во второто полувреме се посрамоти при едно излетување надвор од својот шеснаесетник, по што Витоло немаше тешка задача да ја смести топката во празната мрежа. Сепак, италијанскиот состав, кој е наш следен противник, успеа да стигне до израмнување благодарение на голот на Даниеле де Роси од пенал што го направи Серхио Рамос.
Хрватска во Скадар (Албанија) иако настапи без своите најголеми ѕвезди поради повреди, Ракитиќ и Модриќ, до врв му ја наполни мрежата на дебитантот Косово и со шест парчиња си замина дома. Троен стрелец беше Манџукиќ, а по еден постигнаа Калиниќ, Митровиќ и Перишиќ.
Интересно и со голови беше во Австрија каде што домаќинот и Велс ги поделија бодовите. Герет Бејл и другарите на двапати водеа со 0-1 и 1-2, но, сепак, на крај мораа да се задоволат со бод од ова тешко гостување.
Албанија и Србија рутински стигнаа до трите бода на гостувањата кај Лихтенштајн и Молдавија, а Исланд освои три бода со два гола во судиското продолжение. Во 90. минута резултатот гласеше 1-2 за Финска, но со головите на Финбогасон и Сигурдсон стигнаа до трите бода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


