| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Се уморивме од чекање, Македонија го заслужи датумот за преговори

И покрај сите блокади земјава останува на цврстата определба за членство во ЕУ и НАТО. Прашањето за името што не оптоварува две децении може да има завршница, ако се остане во рамките на резолуциите на ОН, Временета спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, вели претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во интервју за МИА.

Според Иванов земјава е конструктивна и со помош на медијаторот Метју Нимиц бара решение. Тој наведува дека ние сме тие што ги трпиме последиците од однесувањето на јужниот сосед, кој не трпи никакви последици и може да не блокира уште 100 години.

Сепак Иванов очекува на јунскиот Самит на ЕУ, европските лидери да дадат зелено светло за почеток на пристапните преговори со Македонија, а оценува и дека меѓународната позиција на Македонија денес е многу подобра од пред неколку години.

„Ние веќе предолго чекаме, се уморивме од чекање. Имаме четири позитивни извештаи и на сите обврски сме одговориле. Но она што се случи на 24 декември минатата година и изнудената состојба после тие настани, создадоа нови обврски за нас. Дел од обврските не се реализирани затоа што нема посветеност од конкретни поединци кои не ја чувствува тежината на преземените обврски. На сцена се повторно тие наши стари поделби. Со такво неодговорно однесување на конкретни поединци, поради нивни лични фрустрации и неостварени лични планови, ја ставаат во заложништво европската иднина на граѓаните на Македонија. Во меѓувреме, опозицијата се врати во Парламентот и се одржаа Локалните избори“, вели Иванов и уверува дека тоа што до сега не е формирана Комисијата не треба да биде пречка за нашите евроинтеграции.

„Македонија уште во 2009-та година го заслужи датумот за преговори. Во меѓувреме, многу труд и време вложивме во градењето на добрососедските односи и во процесот за надминување на разликата околу името. Одлуките на ЕС не треба да бидат награда или казна за политичките елити. Тие директно ги засегаат интересите на граѓаните. Очекувам и апелирам до европските лидери конечно да ја донесат одлуката која одамна ја заслуживме“, изјавува Иванов за МИА.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top