| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто се затвора сообраќајот во 16 часот ако натпреварот почнува во 20 часот?

Големите спортски натпревари почнуваат многу пред да се наполнат трибините и пред судијата да свирне во свирчето.

Според протоколот, организаторот на натпреварот е должен неколку дена пред одржувањето да го пријави во надлежната полициска станица на чиешто подрачје се одржува. За натпреварите кои се одржуваат на националната арена „Филип Втори“ надлежна е полициската станица „Беко“. Полициските екипи имаат единствена задача натпреварот да помине беспрекорно и да се спречат сите можни инциденти, пред, за време, и по мечот, и на стадионот и надвор од него.

Уште при пријавувањето полицијата разговора со организаторот, кој е должен да одговори и да објасни дали и зошто најавениот натпревар е од висок ризик, колкав број посетители се очекува и најбитното – колкав е бројот на навивачи кои ќе ги поддржуваат двете спротивставени екипи. Организаторот, исто така, мора да ги отвори картите и да каже какви се односите меѓу клубовите, но и која агенција ќе се грижи за редот и мирот во спортската салаили стадионот.

policija-natprevar-3

Откако ќе бидат доставени сите информации, различни полициски служби и сектори изготвуваат акционен план.

Според процените на СВР Скопје, Кримтехника присуствува со одреден број луѓе кои се задолжени да го покријат целиот натпревар. Сообраќајната полиција е задолжена да ги спроведе навивачите и играчите и да го одржи непречен протокот на сообраќај низ целиот град. И ЕБР е вклучена во обезбедувањето на натпреварот.

Откако ќе биде подготвен планот, се испраќаат телеграми до сите полициски станици и одделенија чии службеници се ангажирани за обезбедувањето. Во телеграмата јасно се назначени почетокот на службата, зборното место каде се чекаат полициските тимови и каде им се даваат конкретните задачи.

Кога навивачките екипи се лути ривали, односно кога натпреварот е прогласен за натпревар од висок ризик, полицискиот протокол може да наложи први да се спроведат гостинските навивачи, да поминат и да влезат во салата, а потоа и домашните, да дојдат пред салата и да влезат, за да се спречи каков било меѓусебен контакт и евентуален судир.

Откако ќе заврши натпреварот, приоритет на полицајците е обичната публика меѓу која има многу дечиња и семејства. Тие мора безбедно и први да излезат од салата, потоа се спроведуваат гостинските навивачи, а домашните последни ја напуштаат салата, односно стадионот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top