| четврток, 6 декември 2018 |

Пеливанството ќе се заштити како културно наследство

В недела (9 октомври) по шести пат ќе се одржи меѓународната културно-спортска манифестација (пеливанство) „Традицијата продолжува“ во Студеничани. Манифестацијата е организирана од Здружението за образование, култура, спорт и екологија (АКСИ), а поддржано е од Министерството за култура на Република Македонија со цел да се заштити оваа традиција како културно наследство. На манифестацијата ќе учествуват борачи-пеливани од неколку балкански држави: Турција, Грција, Бугарија, Косово, Албанија, како и борачи од Македонија во пет категории и јуниори.

Манифестацијата ќе се одржи во спортско-рекреативниот центар „Студеничани“.

За вековната традиција пеливанство Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ подготви елаборат за да се заштити како културно наследство во Македонија и се очекува националниот совет за култура при Министерството да ја прогласи културно добро.

10374878_314483785381118_6624394958382603986_n

-Освен пеливани на настанот ќе присуствуваат и културни и уметнички друштва кои ќе играат и пејат стари песна и ора, граѓаните на Студеничани ќе подготвуваат стари традиционални јадења за гостите, како ѓомлезе, татлија со трици, сутлијаш и други специјалитети кои се карактеристични за реонот Каршијака –Скопско – вели Афет Јашари, етнолог и организатор на манифестацијата.

 

Пеливанството има богата традиција во скопското село Студеничани, и тоа почнувајќи уште од времето на легендарниот борач Тефик Демири, репрезентативец од поранешна Југославија, па до најмладата сегашна генерација. Речиси секој трет жител на Студеничани е пеливан, спорт мошне популарен меѓу овдешното население. Дури и најдобрите борачи од Македонија, освојувачи на олимписките медали, Шабан Трстена и Шабан Сејдиу се бореле како пеливани на големите селски прослави на кои често присуствуваат и до три илјади гледачи, еден невиден спектакл кој се доживува на своевиден начин – објаснува Јашари.

10385304_314484182047745_6967762266993122771_n

Културната функција на пеливананството како традиционален спорт и вештина во општина Студеничани претставува своевиден културен артефакт поради поседување на многу елементи со културна позадина во својата внатрешна структура. Преку овој спорт се негува еден посебен третман во однос на телото, односно посебен режим на исхрана, секојдневни вежби кои придонесуваат кон подобро здравје на носителите на овие игри. Самиот чин на борењето содржи низа правила со кои се регулира начинот на однесување на актерите на овој традиционален спорт. Од друга страна и денот кога се изведува овој спорт подразбира своевиден спектакал со голем број на публика, но и борачи од сите страни на Македонија. Значи, натпреварите по пеливанство претставуваат своевиден културен спектакл со многу актери и многу публика, се вели меѓу другото во елаборатот изработен со цел пеливанството да се заштити како културно наследство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top