Со набавка на 27.000 вакцини, хронични пациенти, старци, бремени и деца со намален имунитет ќе имаат можност да бидат заштитени од сезонски грип. Пред стартот на сезоната, здравствените власти годинава ќе го пролонгираат почетокот на имунизација, кој наместо на 15 октомври ке стартува десетина дена подоцна. Ги чекаат нарачаните дози од холандскиот производител кои треба да бидат распределени во центрите за јавно здравје.
– Вакцината е тритипна и ќе штити од АХ1Н1, АХ3Н2 и тип Б. Секоја година СЗО прпеорачува каква ќе биде вакцината во зависност од тоа кој тип на вирусот доминирал минатата сезона, вели д-р Владимир Миќиќ од одделот за контрола на заразни заболувања во ИЈЗ.
Покрај ризичните групи, според епидемиолозите препорачано е вакцина да примат и здравствени работници, полицајци, војници, вработени во јавна администрација и сите оние кои секојдневно се во директна комуникација со голем број на лица. Досегашните анализи во ИЈЗ покажуваат дека вакцината има ефект врз имунолошкиот систем.
– Од анализите кои ги правиме се покажува дека оние кои заболуваат и кои завршуваат со посериозни компликации, најчесто се лица кои не примиле вакцина против грип, вели Микиќ.
Минатата сезона вакцина против грип примиле 26.800 лица. Меѓу нив нема ниту една трудница а повеќе од половината од вакцинираните биле со хронични заболувања и постари од 64 години . Имало и 800-тини лекари и медицински сестри како и осум дечиња помали од 5 години.Велешкиот центар за јавно здравје лани дал над 400 дози за војниците и полицајците кои беа ангажирани со напливот на мигранти на јужната граница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.