Предлог измени на законите по скратена постапка за СЈО и за заштита на сведоци не минаа во Собранието. Предлог измените добија поддршка од 30 тина пратеници додека останатите гласаа против.
Барањата на специјалната обвинителка Катица Јанева не наидоа на поддршка од пратениците, а поддршка немаше ни за предлогот за продолжување на рокот на постоењето на СЈО.
Од присутните 103 пратеници на гласањето за Законот за заштита на сведоците, измените наидоа на поддршка од 42 пратеници, додека против гласаа 52.
Со 36 “за” и 54 “против” од вкупно 90 пратеници, не помина ниту предлогот за измена на Законот за Специјалното јавно обвинителство со кое се бараше продолжување на рокот за постоење на ова обвинителство.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” останаа на ставовите кои ги кажаа во однос на барањата на СЈО, а тоа е дека нема да прифати никакво разгледување на какви било барања на Специјалното јавно обвинителство од неколку причини, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
Првата причина, рече тој, е дека не прифаќаме никакви нови договарања, предоговарања, проширување на опфат и рокови надвор од тоа што беше во рамките на процесот наречен Пржино. Втората причина, според него, е тоа што од страна на СЈО ова Собрание беше наречено нелегитимно, а ако е нелегитимно нема право ниту да носи закони.
– Понатаму, не беше доставен финансиски извештај што е прв пат во плуралната историја на Република Македонија, а може и претходно во претходните 50, 60 години во социјализмот. Не паметам, но веројатно е прв пат, воопшто одредена институција која според законот одговара за својата работа пред Собранието да одбива да даде финансиски извештај за тоа како ги троши парите на граѓаните. Во овој конкретен случај станува збор за повеќе од 60 милиони денари за кои Собранието беше одбиено да му биде доставен финансиски извештај, рече Димовски
.Самото недоаѓање на седница на Комисијата за политички систем и грубо отфрлање на обврската да се брани извештај, како што кажа Димовски, се исто така доволна причина за пратениците, ценејќи и почитувајќи го Собранието како највисок законодавен дом во Република Македонија, да гласаат спротивно на овие две барања.
Според Димовски, тоа што овие две барања доаѓаат од СДСМ, јасно говори дека практично СДСМ и СЈО се синоним.
– Тоа е исто и нема разлика помеѓу СДСМ и СЈО. Тоа што СЈО го работи е кампања на СДСМ и тоа што СДСМ го работи и помага на СЈО да ја тера кампањата на СДСМ во овој предизборен период. Затоа, со чиста совест, одговорно, спротивно на желбата да се продлабочува политичката криза во Република Македонија која очигледно одредени партии ја имаат, гласавме против овие барања и ќе гласаме во иднина против вакви барања, рече Димовски.
Специјалното обвинителство е клучен дел за излез од политичката криза и токму затоа овие предлог измени се и повеќе од потребни, реагираа од СДСМ.
-За надминување на кризата, никој не смее да бега од соочување со правдата. СЈО е клучен дел за излез од политичката криза, изјави Петре Шилегов од СДСМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.