| четврток, 6 декември 2018 |

Дали антиперспирантите се, навистина, виновни за појава на рак на дојка?

Бројот на заболени од рак на дојка постојано расте, а науката уште нема одговор на тоа прашање. Познато е дека за овој тренд придонесува епидемијата на дебелина, но и фактот дека жените консумираат повеќе алкохол од порано. Но, некои експерти ги обвинуваат антиперспирантите на база на алуминиум, кои се составен дел од негата на повеќе жени.

Дезодорансите што не го спречуваат потењето, туку со пријатен мирис ги маскираат потенцијално непријатните мириси, не се осомничени за појава на рак на дојка.

За официјалната наука, поврзаноста на алуминиумот во антиперспирантите и ракот на дојката е целосна бесмислица.

Сепак, новата студија спроведена на Универзитетот во Женева објавена минатата недела во угледното списание „Џрнал оф канцер“ покажала дека долгогодишната изложеност на алуминиумхлорид, состојка на повеќе препарати за нега на пазуви, може да биде причина за развој на агресивни тумори.

Се смета дека овие состојки влијаат на клетките на телото на ист начин како и естрогенот, хормон што ги „храни“ клетките на туморот на дојката.

Водачот на истражувањето, професорот по онкологија Андре Паскал Сапино заклучил дека сите треба да ги одбегнуваме производите за нега на пазувите што содржат соли на алуминиум.

Но, многу други научници ги отфрлаат овие резултати, тврдејќи дека студијата не е спроведена адекватно, бидејќи таа следи како солите на алуминиум влијаат на ткивата на глувците, а не на луѓето.

Во следните неколку месеци во план е ново истражување, кое вклучува луѓе и со кое ќе се следи влијанието на солите на алуминиумот на ткивата на човечкиот организам.

Постојат причини поради кои алуминиумот е под знак прашање.

Поранешните студии покажале дека нивото на алуминиумот е повисок во горниот дел на градите, таканаречен горен надворешен квадрант, во однос на внатрешните делови, како и појавата на туморот е почеста токму таму каде што е забележана поголема концентрација на алуминиумот.

Иако многу стручни лица сметаат дека тоа е одраз на фактот дека во горниот квадрант, едноставно, има повеќе ткива отколку во долниот, процентот на туморот во тоа место е зголемен за 30 отсто во однос на 20-тите и на 30-тите години на минатиот век, пред широката употреба на антиперспираните, на околу 57 проценти денес.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top