Во земјава има 368.473 фиксни и 2.059.780 мобилни телефони, 367.970 интернет-корисници, а во 383.967 домаќинства се гледа телевизија. Ова го покажува анализата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕK) за состојбата на пазарот во првото тримесечје од 2016 година и според неа забележлив е драстичното преполовување на бројот на фиксни телефонски линии во последнава деценија.
За да ја одржат во живот, операторите ја нудат на корисниците со минимална доплата или ја даваат бесплатно во пакет со мобилни разговори и со кабелска или интернет-телевизија.
Според анализата на АЕK, интернет, фиксен телефон и телевизија врзани во пакет се користат во најголем број од македонските домаќинства, а главна причина за тоа е поевтината цена за претплата во споредба со поединечните цени на услугите. Од половина милион домаќинства во земјава, во 332.323 се користат телекомуникациски услуги врзани во пакет и овој процент во првото тримесечје од 2016 година бележи раст од 7,29 отсто во споредба со истиот период лани.
Најголем дел од претплатниците користат три услуги истовремено, и тоа: фиксна телефонија, широкопојасен пристап на интернет и телевизија. Така, најпопуларниот пакет, кој ги вклучува овие три услуги, го има во 163.177 домаќинства или речиси половината од сите пакети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.