Шампионот МЗТ Скопје и Кожув од Гевгелија се на прагот на финалето во домашното кошаркарско првенство и меѓусебна битка за титулата, откако вечерва победија против Фени и Работнички и поведоа со 2-0 во сериите до 3 победи. Двете екипи умешно ја искористија предноста на домашен терен, а по успехот во Суперлигата со истите ривали, полуфиналето во плејофот го почнаа со предност од 1-0.
Кожув е освежување на сезоната во домашната лига, а тоа го потворди и вечерва со триумф над најтрофејниот клуб кај нас, Работнички со 79-73. Неизвесно беше цели три четвртини, Кожув влезе во последните 10 минути со предност од 54-53, а фуриозните 5 минути во завршниот квартал му донесоа недостижна предност од 18 разлика. Гостите од Скопје како да не беа на паркетот, па домаќините направија клучна предност за многу значаен триумф што ги носи на еден чекор од финалето, прво за нив во клупската историја.
Сличен тек на настаните имаше и во Скопје, на натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Фени. Гостите од Кавадарци се држеа храбро против шампионот, до полувремето и заминаа на одмор со само еден поен негатива, 47-48. Првакот се разлути во третиот период и со одлична игра ја доби со 34-21, со што ги урна надежите на Фени за подвиг. На крајот беше 101-84 за МЗТ Скопје. Следните натпревари во кои Фени и Работнички се домаќини и не смеат да загубат, ако сакаат да бидат во игра за пласман во финалето ќе се одиграат во вторник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.